Маричиќ: Граѓанскиот сектор ќе биде дел од преговарачкиот процес со ЕУ, се бара модел на соработка

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ денеска одржа координативен состанок со претставниците на граѓанскиот сектор, пред кои го објасни процесот на скрининг и даде краток осврт на тековните активности на Секретаријатот за европски прашања во пресрет на подготовките за скрининг состаноците, кои започнуваат за три недели.

Како што соопшти СЕП, Маричиќ изрази убедување дека граѓанските организации ќе дадат значаен придонес во спроведувањето на реформите и напредокот кон членството во ЕУ.

-Граѓанскиот сектор е признат партнер на Владата во овој процесОва партнерство и искрена соработка меѓу државниот и граѓанскиот сектор е еден од предусловите за успешно искористување на структурните фондови на ЕУ, рече вицепремиерот Маричиќ, додавајќи дека треба граѓанските организации да се подготвуваат и за учество, и за користење и поголема апсорпција на ЕУ фондови.

Маричиќ на состанокот со граѓанските организации отвори дискусија за модалитетот и начинот на кој претставниците на граѓанските организации ќе бидат вклучени во овој процес, за што дополнително ќе треба заеднички да се договорат. Тој посочи дека Секретаријатот за европски прашања веќе има ангажирано и регионален експерт преку проектот Нордиска поддршка за напредок на Северна Македонија, кој би помогнал во дефинирање на соработката, поставувањето платформа за вклучување претставници на граѓанското општество во работните групи од самиот почетокот на пристапните преговори.

-Со отпочнување на неговиот ангажман, секако дека ќе бидете во блиска соработка за да може да се изнајде модел кој ќе биде во најдобар интерес на процесот. За време на целиот процес, Советот за соработка со граѓанските организации ќе биде мостот на комуникација, истакна Маричиќ пред претставниците на граѓанските организации.

Вицепремиерот Маричиќ продолжува со меѓуинституционалните координативните состаноци кои изминатите денови ги спроведува пред финиширањето на преговарачката структура, која следната недела треба да се усвои од страна на Владата, наведуваат од СЕП.

Премиерот Димитар Ковачевски, вчера, во Дневникот на ТВ Сител, изјави дека СЕП и вицепремиерот за европски интеграции, работат на екипирање на преговарачкиот тим, а многу скоро на седница на Влада ќе се најде и преговарачката структура во која ќе бидат ангажирани сите институции како и голем број експерти кои што не се дел од владините институции, и тоа експерти од академскиот, деловниот, невладиниот сектор и сите кои можат да придонесат за побрзо завршување на овој процес.

 

Back to top button
Close