Маричиќ на средба со европратеници од редовите на СД: Мудро да ја искористиме поддршката што ја имаме и да ја претвориме во успешна приказна

Континуираната и гласна поддршка за интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ од страна на Пратеничката група на Социјалистите и демократите (СД) во Европскиот парламент беше потврдена на денешната средба во Брисел на вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ со европратениците од редовите на СД, Тајс Ројтен, Евин Инчир, Андреас Шидер, Матјаж Немец и Педро Маркез.

– Ги делиме истите вредности и важно е за нас да имаме пријатели во европските институции кои се залагаат за нашето пристапување во ЕУ, но и на целиот регион. Северна Македонија е докажан кредибилен партнер на ЕУ, а на нас останува да ја продолжиме соработката и да ја потврдивме европската перспектива, рече Маричиќ.

 

Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, европратениците истакнаа дека Северна Македонија и Албанија ги започнаа преговорите за членство во ЕУ во клучен момент и дека сега е најважно да се има јасен план според кој ќе течат реформите и според кој ќе може да се очекува следното проширување на Унијата.

Маричиќ, кој е главен преговарач со ЕУ, на средбата ги информираше соговорниците за текот на скрининг процесот и за улогата на македонскиот Парламентот во преговорите, а во таа насока европратениците посочија дека сега треба да се покаже активност на Дијалогот Жан Моне и да се направи напредок.

 

– Нашата подготвеност и темпото на одвивање на скрининг процесот, заедно со поддршката која ја имаме мораме мудро да ја искористиме и да ја претвориме во успешна приказна. Немаме друга алтернатива и затоа треба да го искористиме моментум и со брзи чекори да напредуваме кон полноправно членство во ЕУ, посочи Маричиќ.

На средбата беше разговарано и за неодамна усвоениот Извештај подготвен од европратеникот од редовите на СД, Тонино Пицула, во кој има план за новата стратегија за проширување со јасен рок пристапните преговори за земјите кои преговараат со ЕУ да завршат до крајот на 2030 година.

 

Маричиќ оваа средба ја реализираше во рамки на неговата дводневна посета на Брисел, каде престојува поради одржување на билатералниот скрининг за Поглавјето 23 – Правосудство и фундаментални права, кое продолжува утре на темите фундаментални права и судство

Back to top button
Close