Маричиќ: Не мислам дека ова е измена на Уставот која е болна како што биле некои претходно
Ние никогаш не сме рекле дека патот е едноставен ниту дека ова што ни се случува е праведно. Истото беше и со Преспанскиот договор. Затоа инсистирав по уставните промени во преговарачката рамка да стои дека нови условувања нема да има, а ние продолжуваме со нова Меѓувладина конференција, вели Бојан Маричиќ, вицепремиер за европски прашања во СТУДИО 10 на ТВ 24.
-Можеме да се откажеме и сега, ама нема да ја исполниме нашата цел да влеземе во ЕУ. Другите земји од регионот ќе добијат ветер во грб, а ние ќе останеме во групата со Косово и БиХ. Не мислам дека ова е измена на Уставот која е болна како што биле некои претходно. Кога ќе ја завршиме оваа фаза продолжуваме понатаму, а до крајот на оваа декада ќе има ново проширување на ЕУ. Одлуката на Собранието за усравни измени е клучна за тоа, вели Маричиќ.
Маричиќ вели дека ако не поминат уставните измени сво Собранието ќе имаме блокада на преговорите кои се де факто и де јуре започнати. Кога има спорови тие мора да се решат, вели Маричиќ споменувајќи го спорот меѓу Хрватска и Словенија за време на хрватските преговори за влез во ЕУ.
-Ќе има многу други работи кои ќе треба да ги смениме а не се поврзани со идентитетот и слично, а кои ќе бидат болни и тешки, но не од овој аспект. Каква и да биде цената што ќе ја платиме тоа не да биде платено со идентитетот и јазикот, вели Маричиќ кој додава дека со влегувањето во ЕУ ние ќе имаме многу големи финансиски придобивки како држава.