Маричиќ: Ова е важна година за Европската Унија и Западен Балкан

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ и премиерот Димитар Ковачевски имаа заедничка средба со потпретседателот на Европската комисија и висок претставник за надворешни работи, Жозеп Борел.

-Верувам дека политиката на проширување оваа година кон целиот Западен Балкан ќе се ревитализира, бидејќи тоа е од интерес на сите. Особено важно е да се разбери пораката која ја прати воената агресија на Русија врз Украина, дека процесот на проширување мора да биде сфатен како заедничка политика која може значително да помогне во подобрување на политичката, безбедносната и економска атмосфера во земјите од Западен Балкан, но и во Унијата, напиша Маричиќ на својот фејсбук профил, по завршетокот на средбата со Борел.

Вицепремиерот Маричиќ ја пренесе порака од високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел, дека Европската Унија останува посветена на проширувањето со земјите од Западен Балкан и дава силен сигнал за потребата Република Северна Македонија да ги отпочне преговорите без понатамошни одлагања.

Маричиќ заедно со премиерот Димитар Ковачевски ја истакнаа нашата европска визија и нашето единство, сплотеност и солидарност со европските земји и нашите ЕУ и НАТО сојузници, но и потребата од обединување на Балканот, што е од  исклучителна важност и за Европската Унија и земјите членки. На средбата бил потврден и фокусот на Владата за спроведување на европската реформска агенда и на изнаоѓање решение со Бугарија, кое ќе значи датум за отпочнување на преговорите со ЕУ.

Back to top button
Close