Маричиќ: Подобра позиција за преговори нема да добиеме

-Немам дилема дека имало многу епизоди кои биле неправедни кон нас и на тоа не можеме да замижиме. Но исто така немам дилема дека не смееме да се однесуваме и да прифатиме никаква калимеро позиција затоа што немало правда или пак да сметаме дека чекајќи на некои подобри времиња ќе имаме подобра позиција. Јасно е дека нема да имаме подобра позиција -рече вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во интервју за ВИС.

Тој додава дека случајот со Грција тоа ни го покажа и дека тоа што решивме во 2008 година да чекаме 10 години на подобра позиција не чинеше многу.

-Во 2008 година имавме многу подобра позиција за решавање на прашањето со Грција, отколку 10 години подоцна. Но за тие 10 година не престигнаа и Албанија и Хрватска во НАТО, а Хрватска во меѓувреме стана членка на ЕУ. Сакаме ли да не престигнат баш сите во регионот? Србија, Црна Гора и Албанија? Бидејќи никој нас нема да не чека- вели Маричиќ.

Или младите луѓе ќе продолжат да земаат пасоши од други држави за да работат и живеат во земји на ЕУ, смета тој, или треба да ја искористиме оваа можност и да се бориме за нас.

-Ние не се бориме за Франција, Бугарија или Грција. Ние се бориме за нас. За нашите млади да имаат шанса да бидат европски млади овде, дома во Северна Македонија, во европска Македонија и нашите млади да не мора да се искажуваат поинаку за да работат во странство- смета вицепремерот Маричиќ.

Back to top button
Close