Маричиќ: Повеќе од 1000 луѓе учествуваа во скрининг процесот – поминавме 100 работни дена во Брисел на кои имавме 850 презентации

„Скринингот бараше сериозен напор и од администрацијата и од Владата и од сите наши ангажирани луѓе во овој процес. Траеше 15 месеци, речиси сто работни дена поминаа нашите тимови заедно со нивните колеги од Европската комисија овде во Брисел, 850 презентации поминати и презентирани од наша страна и од нашите луѓе и административци на овие скрининзи. Патем, речиси 1000 луѓе дојдоа и поминаа низ овие скрининзи и земаа учество во овие скрининг сесии и состаноци“ рече вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во интервју за МИА.

Тој додаде дека ова е еден сериозен, масовен, но многу важен процес кој што ги поставува темелите на натамошниот тек на преговорите, процес кој што ни дава јасна слика каде сме во усогласувањето не само на законодавството со ЕУ, туку и во институционалните практики.

„Она што можеме де го кажеме е дека од овој скрининг процес, ние веќе имаме и конкретни резултати и плодови. Впрочем и Европската комисија во својот извештај го оцени како многу успешен овој скрининг процес, во кој што е покажана голема посветеност, голем капацитет, сериозен капацитет и добри резултати“ рече Маричиќ.

Вицепремиерот додаде дека скринингот треба да ни биде модел за тоа како понатаму треба да се движиме во преговорите и одговор на прашањето дали имаме капацитети за преговори, кое што е многу пати поставувано.

„Да, имаме и скрининг процесот тоа го покажа. Затоа жалам што на самиот почеток минатата година во јули кога започна тој процес, беше често оспоруван од многумина, дека тоа е неважен процес, дека тоа е само технички процес, дека тоа не значи отворање на преговорите… Денес гледаме и сигурни сме дека тоа всушност значи дека ние завршуваме една почетна воведна фаза од преговорите и дека тоа ни дава за право да ги кажеме резултатите и исходот од тој процес и да кажеме што очекуваме понатаму“ рече Маричиќ.

Back to top button
Close