Маричиќ: Продобивки од ЕУ, а не политизација – тоа го бараат граѓаните од сите политичари и сите партии

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ не верува дека Македонците и сите останати народи и заедници кои живеат во Северна Македонија, кои одговараат на анкетите на јавното мислење, се против ЕУ. Анкетираните кои веќе не се толкави ентузијасти, според него се практично разочарани проевропски настроени граѓани.

„Разочарани од тоа што се случувало во изминативе неколку години, а поврзано со блокадите со коишто се соочивме, разочарани затоа што сè уште немаме точен датум кога ќе станеме членка на Европската Унија. Разочарани сигурно и поради темпото на реформите“, рече Маричиќ.

Ваквите ставови тој ги изнесе на денешниот настан за промоција на проектот „Медиумите за ЕУ“, каде што истакна дека за да се промени перцепцијата на граѓаните за процесот на преговори и за ЕУ, клучни ќе бидат токму медиумите, граѓанското општество и политичките партии.

„Процесот на евроинтеграции, особено со новата методологија, стана и политички процес, кој за жал кај нас сè почесто се политизира и се злоупотребува за дневна политика, што секако влијае на ставовите на граѓаните за ЕУ. Затоа граѓаните треба да бидат добро информирани за ЕУ и заеднички да правиме напори да се продлабочи дебатата за преговорите со ЕУ и за сите позитивни промени и економски можности кои ги носи членството, рече Маричиќ.

Во однос на информираноста, според него, денес, како никогаш досега, се соочуваме со опасност од дезинформации со кои се поткопува проевропското расположение. Сето тоа е оркестрирано, организирано и во директна релација, тврди, со руската агресија.

Затоа тој нагласи дека Владата, но тука ги наведе и медиумите и граѓанските организации, треба да дадат максимум во борбата против дезинформациите и негативните перцепции.

Во своето обраќање Маричиќ направи компарација со наративот за ЕУ пред петнаесет години и кажа дека тогаш многу полесно се зборувало за Европската Унија „бидејќи многу беше поголем евроентузијазмот меѓу граѓаните“, додавајќи дека „денес се бориме со перцепцијата дека тоа ни е недостижна цел и дека не можеме да го постигнеме тоа, што и да направиме“.

Проектот „Медиумите за ЕУ“ – Програма на граѓанското општество за учество на медиумите во преговорите за членство на Македонија во ЕУ, е поддржан од Европската унија и во наредните три години ќе го спроведува „Евротинк“ – Центарот за европски стратегии и партнерите АЛДА и БИРС.

Целта на проектот е да се поттикне соработката меѓу медиумите, граѓанските организации и релевантните државни институции кои ќе работат во преговарачките процеси на земјата со релевантните институции од ЕУ, како и подобрување на квалитетот на информации и презентирање на состојбите и напредокот на Македонија кон ЕУ за пошироката јавност во државата.

Back to top button
Close