Маричиќ-Савада: Јапонските донации се важни за реформите и придвижувањето на земјата кон ЕУ

Заменик претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ денеска имаше средба со амбасадорот на Јапонија Хиронори Савада на која беше потврдена јапонската поддршка на Северна Македонија преку донации во некои од најважните сектори за европскиот пат на земјава, како и ги поддржувањето на македонската Влада во подобрување на животот на граѓаните според стандардите на развиените земји.

На средбата, како што се наведува во соопштението на СЕП, било разговарано и за досегашната билатерална соработка, успешната реализација на проектите од јапонските грантови, како и унапредување на соработката со нови бизнис релации и инвестиции.

Маричиќ изразил благодарност до амбасадорот Савада за досегашната поддршка во рамки на јапонската официјална развојна помош (ОДА) и посочил дека простор за унапредување на соработката секогаш има.

– Во време на пандемија, паралелно и засилени реформи во земјава, финансирањето на развојни проекти за одржлив економски и социјален развој, е од суштинско значење за државата и за нејзините евроинтеграции, истакнал Маричиќ.

Јапонија, како што наведува СЕП, е еден од нашите најголеми донатори и поддржувачи на нашата европска интеграција и во таа насока финансиската поддршка ќе се алоцира кон проекти кои ќе придонесат во остварувањето на европската агенда. Затоа следниот период фокусот ќе биде ставен на реализација на проекти во областа на здравството, образованието и животната средина.

Во изминатите две години Јапонија имаше обезбедено над 800 илјади евра за итна помош на здравствените институции кои се справуваат со Ковид-19, односно за набавка на медицинска опрема за ковид центрите во земјата.​

Back to top button
Close