Маричиќ: Широка предизборна коалиција е идеја вредна за размислување


Секоја идеја и концепт што оди во насока на креирање широк фронт на политички партии што ќе се најдат на страната на поддршка и на клучните реформи, брзото зачленување на Северна Македонија во ЕУ и отстранување на сите бариери на тој пат, е нешто за што вреди да се размисли, изјави синоќа вицепремиерот Бојан Маричиќ одговарајќи на прашањето дали се работи на формирање широка предизборна коалиција во која би влегле сите партии освен ВМРО-ДПМНЕ и Левица во интервју за 360 степени.

Маричиќ рече дека СДСМ е голема, сериозна и одговорна партија која има јасна цел и план, а тоа е фокусирање на европскиот концепт и пат. Затоа, рече тој, секоја идеја и концепт што оди во насока на креирање широк фронт на политички партии што ќе се најдат на страната на поддршка и на клучните реформи, брзото зачленување на Северна Македонија во ЕУ и отстранување на сите бариери на тој пат, е нешто за што вреди да се размисли.

-Тоа е водилка на СДСМ во последниве шест години, а и пред тоа било така. Затоа, мислам дека сите овие идеи што имплицираат окрупнување на фронтот за европска Македонија и на фронтот што треба да ги носи промените, а фронтот треба да биде отворен за сите оние што искрено веруваат во европска иднина на Северна Македонија, треба да го оставиме како тема на размислување и концепт на размислување, кажа Маричиќ.

Прашан дали ваква предизборна коалиција би можела да биде дискредитирана на македонско-албанска линија, Маричиќ вели дека Владата во изминатите шест години направила многу за надминување на разликите и зголемување на кохезијата во државата. Според него, секоја евентуална поделба по етничка линија е штетна и трајно ќе ја разори државата.

-Наша должност е да не го делиме општеството на етнички граници и линии туку да воспоставиме таква кохезија што ќе функционира во пракса, особено кога се работи за исполнување на најврвните приоритети, а тоа е членството во Европска Унија. Замислете да се доведеме до ситуација во која би биле поделени по етничка линија, а многу работеа на тоа и ВМРО-ДПМНЕ и Левица минатото лето за да се направи дистинкција по етничка линија на луѓето во однос на ставот кон Бугарија и генерално кон ЕУ, вели Маричиќ.

За тоа дали ако идејата за широка предизборна коалиција подразбира и учество на Алијанса за Албанците, тоа би значело дека оваа партија сега би влегла во Владата како подготовка за таков чекор, Маричиќ вели дека е премногу рано и не би сакал да шпекулира за оваа тема.

-Ова се само идеи за кои е вредно да се разговара и да се размислува, за сите луѓе кои се споменаа, а како ќе се реализираат и дали ќе се реализираат, останува на политичките лидери, рече Маричиќ.

Вицепремиерот не одговори директно дали АА ќе влезе во Владата, но рече дека постоела подготвеност и идеи, а дали тоа ќе се случи во следниот период ќе зависи од разговорите и волјата на политичките лидери.

На прашање како би стигнале до 80 пратеници, со оглед на тоа што дури и со евентуална широка предизборна коалиција би биле далеку од двотретинско мнозинство во Собранието, вицепремиерот одговори дека, според него, прво треба да се направат уставните измени, а потоа да се оди на избори, бидејќи, во спротивност, единствена тема на изборите би бил токму ставот кон Бугарија.

-Знаеме точно која партија како ќе се позиционира. Знаеме дека ВМРО-ДПМНЕ ќе презентира една нереална слика, бајковита слика која може и да им се допадне на граѓаните, според која ќе вели дека тие ќе се обидат да издејствуваат подобар договор со Бугарија, но ние знаеме дека во нивно време преговараа и не успеаја да најдат подобар договор. Второ, навистина се обидувавме последниве три години по сите основи да добиеме најдобар договор и спорот со Грција ни докажа дека чекањето подобар договор и подобра понуда секогаш ни носи полоша позиција, вели вицепремирот Маричиќ.

Според вицепремиерот, не е можна промена на Преговарачката рамка за Северна Македонија усвоена од Советот за општи работи на ЕУ.

Вицепремиерот за европски прашања и секретар за меѓународна соработка на СДСМ, Бојан Маричиќ, смета дека делење на власта со ВМРО-ДПМНЕ, без ДУИ, по брзи избори кои би се случиле напролет, е нефункционална и непрактична идеја. Тој негира дека има пратеници на СДСМ што не го поддржуваат Ковачевски и би гласале за распуштање на Парламентот.

Според него, во СДСМ немало формален состанок во присуство на Зоран Заев на кој се дискутирало за уривање на Димитар Ковачевски и широка влада со ВМРО-ДПМНЕ без ДУИ.

Маричиќ вели дека дел од овие тези, преку социјалните мрежи, ги демантирал и Заев лично.

-Секогаш имало различни дискусии, за различни идеи, меѓутоа, формално, ниту раководството, ниту Извршниот одбор, ниту Централниот одбор дискутирале за ваква идеја. Неформално, дали имало средба на којашто се дискутирале некои од овие прашања, јас не можам да тврдам, бидејќи не сум присуствувал на таа средба, рече Маричиќ.

За вицепремиерот, нема видлив обид на Заев за уривање на Ковачевски, а за сите различни внатрепартиски мислења, како што вели, се наоѓало начин како да се менаџира единството.

-Мислам дека претседателот Ковачевски ја има целосната поддршка на целото раководство на партијата. Има јасен план што го претстави уште при изборот за претседател и премиер, за одржување на мнозинството и владиниот мандат до крајот, до средината на 2024 година и избори во редовен термин. Во меѓувреме, има многу обврски поврзани и со имплементација на договореното со Европската Унија, францускиот предлог и со реформите и менаџирање на кризата. Нашиот фокус е на тоа и во моментот нема поинаква одлука ниту, пак, има изгледи за таква одлука, рече Маричиќ

Back to top button
Close