Маричиќ: Ситуацијата со КОВИД-19 во затворите е под контрола

Ситуацијата е под контрола и сите коишто пројавиле посериозни симптоми или им треба болничко лекување веднаш им е прекинато извршување на казната и се упатени на болничко лечење, изјави денеска министерот за правда Бојан Маричиќ, прашан за состојбата со КОВИД-19 во затворите, по денешната посета на КПД Штип.

Тој посочи дека се дезинформации дека се штелуваат тестовите, за што обвини затвореник од „Идризово“, кој се јавил во Телма.

– Во петокот ги соопштив информациите кои ги имав и дека повеќе детали може да има Управата за извршување на санкциите. Во тој момент имаше осум заболени затвореници во Идризово и околу 60 во изолација. Дел од тие затвореници за да може да се овозможи правилна изолација ќе бидат пренесени во други КПД установи за да се овозможи соодветен третман, изајви Маричиќ.

Во однос на хроничниот проблем со малиот број на судии и јавни обвинители, Маричиќ посочи дека пред неколку недели биле усвоени стратегии за човечки ресурси и за јавното обвинителство и за судството.

– Знаеме дека моментно единствена точка на влез во правосудниот систем е Академијата за судии и јавни обвинители. Моментно наставата ја слушаат 60 кандидати, а тече конкурсот за нови 97 места. Јас верувам дека можеме со таа актуелната програма и со евентуално новата прилагодеан програма за стручните соработници во судовите и обвинителството да добиеме во еден брз период најдоцна до година дена да имаме нов кадар којшто ќе ги пополни овие места во судството, изјави Маричиќ.

Во однос на извршителите, Маричиќ, рече дека не треба да се заборави зошто оригинално било преместено извршувањето од судовите кај извршителите.

– Тоа беше затоа што имаше извонредно неефикасно извршување на пресудите. Значи, идејата за извршувањето е тоа да го овозможи крвотокот на стопанството, на бизнис секторот да нема избегнување на долгови, да нема пропаѓање на компании заради избегнување на долгови и тоа е основната идеја. Мислам дека она што е основен проблем на граѓаните е можеби висината на оние дополнителни трошоци на извршувањето коишто навистина беа неразумни и мислам дека скоро 90 отсто се нивните трошоци намалени и тоа би требало да ја амортизира таа ситуација, изјави Маричиќ.

Важно е, нагласи тој, да има механизам по коишто ќе се извршуваат пресудите и ќе се наплаќаат долговите, кој ќе биде хуман и исто така ќе овозможи фер во наплаќањето на трошоците.

Back to top button
Close