Маричиќ тврди дека Владата има политичка оправданост да стави европско знаменце на законите поврзани со изградбата на коридорите

Употребата на европско знаменце во легислативата навистина има за цел да ја забрза интеграцијата на Северна Македонија во Европската Унија и затоа треба да цели кон усогласување (на македонското законодавство) со законодавството и стандардите на ЕУ. Во конкретниот случај, нацрт-легислативата се чини дека не се однесува на усогласување со таквите стандарди. Ние ја изразивме нашата загриженост до домашните власти и бараме дополнителни објаснувања, реагираа претходно од Делегацијата на ЕУ во земјава

Од политички аспект имаме основа да ставиме европско знаменце на петте закони поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10-д за да успееме да ги изградиме овие автопати и да ја комплетираме трансевропската мрежа на коридори во Северна Македонија, изјави денеска вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.

Маричиќ укажа дека се во редовна комуникација со Европската Унија и им објасниле зошто го прават тоа.

„Тоа што мислам дека треба отворено да си го кажеме, оваа одлука е донесена за да се заобиколи нелегитимната блокада од страна на Левица, проруска партија, анти-НАТО партија, анти-ЕУ партија која ќе направи сѐ да ги спречи коридорите и впишани во европските трансевропски мрежи и за еден ваков проект реализиран од американска компанија. Сметаме дека тоа е нелегитимна блокада која ние на легитимен начин со инструмент кој ни е на располагање сакаме да ја заобиколиме и за тоа имаме основа и политичка оправданост“истакна Маричиќ.

Тој додаде дека знаат оти овие закони не се усогласени со некои европски акти, но посочи дека Коридорот 8 треба да биде впишан во трансевропската мрежа на коридори на 16 мај.

Владата на седница минатата недела, како што претходно на прес-конференција информира вицепремиерот Артан Груби, разгледа и утврди предлог-измени и дополнувања на пет закони кои, како што се наведува, се однесуваат на овозможување ефикасна и квалитетна реализација на коридорите 8 и 10-д, како градби од стратешки интерес, а кои ќе бидат доставени на усвојување од страна на Собранието на Република Северна Македонија со европско знаменце.Меѓу овие закони е и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи, по скратена постапка.

Ништо од ветувањето на Тренчевска за горна граница за прекувремената работа на автопатите на „Бехтел и Енка“?

Од Делегацијата на Европската Унија во земјава реагираа дека предлог-законите не се во насока на усогласување на домашното законодавство со законодавството на ЕУ и стандардите на Унијата.

„Употребата на европско знаменце во легислативата навистина има за цел да ја забрза интеграцијата на Северна Македонија во Европската Унија и затоа треба да цели кон усогласување (на македонското законодавство) со законодавството и стандардите на ЕУ. Во конкретниот случај, нацрт-легислативата се чини дека не се однесува на усогласување со таквите стандарди. Ние ја изразивме нашата загриженост до домашните власти и бараме дополнителни објаснувања. Како што веќе рековме во последователните извештаи на Европската комисија за Северна Македонија, употребата на брзи процедури треба да биде ограничена и да се применува само кога е оправдано да се користи за да се унапреди реформската агенда за ЕУ. Тоа не треба да се користи за заобиколување на јавните консултации или за решавање на процедуралните тешкотии во законодавниот дом“реагираа од Делегацијата на ЕУ.

Делегација на ЕУ: Употребата на европското знаменце на законите за коридорите 8 и 10-д не е во согласност со стандардите на Унијата

Договорот со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ кој е избран за стратегиски партнер за реализација на проектот за изградбата на автопатите на дел од коридорите 8 и 10-д, беше потпишан во Владата на 8 март.

Што точно е напишано во договорот и на какви услови се обврзале Владата, од една, и конзорциумот, од друга страна, јавноста не можеше да добие на увид затоа што договорот е класифициран со степен – доверливо.

Контроверзиите поврзани со договорот добија на интензитет и на зголемен интерес кај експертската и општата јавност кога на почетокот на април група пратеници од владејачката коалиција поднесоа пакет од девет закони поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10-д по скратена постапка.

Пред пратениците за нивна измена се најдоа законите за културно наследство, за земјоделско земјиште, експропријација, урбанистичко планирање, минерални суровини, работни односи, шуми, градење, како и за утврдување јавен интерес и номинирање на стратегиски партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридорот 10-д. Една од предлог-измените, онаа за Законот за културно наследство по неколку дена беше повлечена, по реакциите на стручната фела. Но, во јавниот дискурс продолжија да предизвикувааt бура предложените измени на Законот за работни односи, со кој се предвидува продолжување на работните часови за работниците кои ќе бидат ангажирани на изградбата на автопатите.

Владата направила договор со „Бехтел и Енка“ врз основа и на непостоечки законски одредби

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ постојано ја напаѓа Владата дека со договорот со „Бехтел и Енка“ се обврзала да ја зголеми работната недела од 40 на 60 работни часа за работниците кои ќе ги градат автопатите и дека ако 45 дена по потпишувањето на договорот не бидат донесени измените на Законот за работни односи, државата ќе треба да му исплати пенали на американско-турскиот конзорциум. Тој рок веќе помина. Од партијата во неколку наврати објавија делови од договорот за кои рекоа дека го поседуваат во целост и дека го добиле од свиркачи. Од опозицијата обвинија за криминал и корупција во целиот случај и ги повикаа надлежните институции да отворат постапки за договорот.

Од Владата ги демантираа ваквите наводи тврдејќи дека не станува збор за пенали, туку дека ако не се зголеми работната недела, изградбата ќе трае подолго и тоа граѓаните ќе ги чини повеќе.

Пенали кон „Бехтел и Енка“ – Бочварски вели дека не постојат, Мицкоски дека треба да се платат до 6 мај

Деновиве опозициската ВМРО-ДПМНЕ побара пратениците кои поседуваат безбедносен сертификат да го добијат на увид договорот со американско-турскиот конзорциум, но и оваа иницијатива остана на позиција статус кво. Од власта порачаа опозицијата да каже кога и во која собраниска комисија да се случи тоа, а од ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека не може некој да им го презентира договорот, односно дека имаат право да го добијат на увид. За да се закаже комисија, како што велат, мора прво да го имаат материјалот.

 

Во саботата Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) преку писмено соопштение информира дека е извршен првиот трансфер на сметката на претпријатието на средства наменети за изградбата на коридорите 8 и 10-д, кои ќе ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.

Според законските обврски од посебниот закон и потпишаниот договор со американско- турскиот конзорциум, како и согласно владината програма, беше наведено во соопштението, овие средства се наменети за мобилизација, екипирање со механизација, воспоставување кампови, лабораторија и други работи од страна на „Бехтел и Енка“ пред да се почне со градежните активности на трасите.

ЈПДП преку соопштение информира за првата трансакција наменета за коридорите 8 и 10-д: Префрлени ни се 117 милиони евра

Back to top button
Close