Маричиќ: Време е со ВМРО-ДПМНЕ да разговараме околу уставните измени, верувам ќе дојдеме до разумни аргументи

– Мислам дека е време и со ВМРО-ДПМНЕ да разговараме, дали јавно или вон очите на јавноста, сеедно, да почне суштинска содржинска расправа околу уставните измени, зошто е проблем да бидат вметнати Бугарите во Уставот, како тоа нам, на Македонците ни е проблем, како тоа може да не загрози. Доколку влеземе во таква дискусија, верувам дека ќе дојдеме до разумни аргументи, дека е навистина трагично да ја блокираме сопствената држава на патот кон Европската Унија поради ова прашање, истакна вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.

Тој во интервју за Македонско радио посочи дека со додавањето на Бугарите како етничка заедница во Уставот се прави јасна дистинкција помеѓу македонскиот народ, Македонците, мнозински народ во Северна Македонија и Бугарите како етничка заедница во државата и како малцинство, според конвенциите.

– А секако дека имаат право граѓаните слободно да се изјаснат како се чувствуваат и како што имаме ние и седум други заедници коишто се истакнати во нашиот Устав, треба да имаме можност за Бугарите, за ние да бидеме заштитени дека никој не може да каже дека ние сме Бугари. Ние сме Македонци и самата дистинкција дека има и Бугари коишто со последниот попис се 3000 и стотина. Со самиот тој чин ќе ја направиме таа дистинкција. Дополнително на тоа ние ќе додадеме и други заедници како што се Хрватите и Црногорците, најмалку. Значи има интерес и од други Евреите, Египќаните, Торбешите и така натака и спремни сме да разговараме, истакна вицепремиерот.

Маричиќ посочи дека е можно во текот на преговорите да има и потешки прашања за решавања, од друг карактер.

-Нема да бидат врзани заедно, нема да бидат врзани за историја, нема да бидат врзани никако за етничкото потекло, ќе бидат врзани за пристапот кон нашето земјоделие, нагласи Маричиќ.

Осврнувајќи се на реконструкцијата на Влада, тој наведе дека целта е да се зајакне владиното мнозинство и да се зајакне позицијата на Владата во период кога не очекуваат многу обврски поврзани со реформите и пред година во којашто треба да се завршат бројни инфраструктурни проекти.

-Да ја стабилизираме државата економски од сите кризи коишто беа во минатото, минатите три години, и здравствената, и економската, и енергетската, и секако да ги направиме потребните чекори за продолжување на нашиот евроинтегративен пат. Многу е важно навистина сите партии коишто се за Северна Македонија да стане брзо членка во Европската Унија да застанат на оваа страна и да ги поддржат и реформите што е поважно, но и неопходните уставни измени коишто ќе нè однесат автоматски во наредна фаза. Не сакаме да даваме аргументи на никого, најмалку на Бугарија за понатамошни блокади, бидејќи овој пат картата за блокада е во наши раце. Првпат не е ниту во Софија, не е ниту Атина, ниту во Париз, ниту Брисел. Првпат е во наши раце, во Скопје и треба ние да се потрудиме секој од нас како политичари, сите политички партии, сите пратеници во Собранието да дадат одговор на граѓаните и на себе дали се подготвени да ја држат државата уште десет години во слепа улица, истакна Маричиќ.

Зборувајќи за францускиот предлог, Маричиќ кажа дека ФРОНТЕКС бил едно од нашите клучни барања, како гаранција дека Бугарија навистина нема проблем со македонскиот јазик, односно не се буни на користењето на македонски јазик во рамките на Европската Унија.
Тој, околу ратификувањето на договорите од иницијативата „Отворен Балкан“ истакна дека се тоа е многу битен чекор на отворање на границите и отклонување на бариерите коишто постојат меѓу државите од Западен Балкан.

-Тоа е суштинската важност на иницијативата „Отворен Балкан“ на којашто ние укажуваме цело време. Овие договори беа ратификувани и во Албанија, и во Србија, чекаа на ратификација кај нас. Најпрво имаше скепса од страна на опозицијата, пак блокади и незакажување на Комисијата за надворешни работи. Потоа, откако помина на Комисијата за надворешни работи, релативно брзо, кога се создадоа услови беше ратификувана, истакна Маричиќ.

Според вицепремиерот договорите од оваа иницијатива практично ќе им овозможат на нашите граѓани без вадење работни дозволи да се вработуваат во земјите од „Отворен Балкан“.

Осврнувајќи се на решението од судот во Стразбур, Маричиќ рече дека тоа е позитивна вест за државата.

-Тоа се една серија на случаи коишто произлегоа од масовното и нелегално прислушување во нивно време, во време на нивното владеење. Така што таа релативизација, дека сега тоа не било ништо посебно, мислам дека нема потреба од тоа. Треба да се влезе во пресудата и во аргументите на двете страни и во аргументите што ги уважува судот. Ние како одбрана на Владата и на државата направивме се за да ги изнесеме аргументите дека овие апликации се недопуштени и дополнително дека дури и доколку навлезе судот во мериторно одлучување, во суштината на случајот дека не треба да ја уважи аболицијата на Иванов, односно дека таа е ништовна. Судот ги уважи аргументите дека овие апликации се недопуштени и тоа е еден вид на правна победа на државата. Не е политички, дали е триумфално или не, тоа е веќе на теренот на политичка борба, вели Маричиќ.

Тој кажа дека она што било важно за Владата и државата е овие случаи да добијат своја разрешница и свој исход пред македонските судови.

-Целта на обвинетите, да речам, на оние коишто се во тие случаи беше сосема спротивно, да нема исход во македонските судови, туку да се признае аболицијата. Инаку и прашањето за аболицијата не е целосно разрешено во нашите судови и институции, ниту Уставниот суд, ниту другите ниту сите други судови не заземале став. Постојат случаи каде што Основниот кривичен суд и Апелацискиот суд имаат заземено став дека таа е невалидна и ништовна и затоа ги продолжија случаите. Така што и во правна смисла мислам, па и во политичка смисла, ова е важен сигнал за нашите судови да си ја завршат работата, дека нема простор за очекување дека некој друг ќе ја заврши работата, дека тоа е одговорност на нашите судови и надеж дека сите овие случаи ќе добијат своја разрешница без разлика каква, бидејќи е битно според доказите судот да пресуди таму каде што има основа. Таму каде што нема, секако има и ослободителни пресуди. Значи важно е тоа доби разрешница и да ја врати вербата и довербата на граѓаните дека во Северна Македонија има надеж за правда, истакна Маричиќ.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close