Маричиќ за хрватски ,,Национал”: Граѓаните се уште веруваат дека единствената правилна идеја е таа што води кон членство во ЕУ
Граѓаните на Северна Македонија се уште веруваат дека единствената правилна идеја е таа што води кон членство во Европската унија, вели министерот за правда Бојан Маричиќ во интервјуто дадено за хрватскиот неделник „Национал” за време на неодамнешната посета во Хрватска.
Министерот за правда во интервјуто ја потенцира важноста од започнување на преговорите на нашата земја со ЕУ што е можно поскоро, затоа што, како што вели, граѓаните го губат ентузијазмот и довербата во Унијата.
-Имавме доволно проблеми кога Франција го блокираше отворањето на преговорите, потоа отидовме на предвремени парламентарни избори, а оваа состојба дополнително ја влошува фактот дека во рамките на Северна Македонија опозицијата ја користи европската блокада за националистичка мобилизација. Нашата позиција е да ги спроведеме потребните реформи и да ги регулираме односите со соседите, пред се за наше добро. Нашата цел е да ја вратиме Европа дома, и тоа го правиме за нас, не затоа што некој нè притиска. Сепак, многу е важно таквата политика да се валоризира со конкретни потези, односно со отворање на преговори. Затоа што ентузијазмот кај граѓаните сигурно ќе започне да паѓа доколку трае оваа состојба. Сепак, мислам дека повеќето граѓани на Северна Македонија сè уште веруваат дека единствената правилна идеја е таа што води кон членство во Европската унија. Но, во вакви ситуации токму оние проевропски граѓани се најразочарани. Националистите, се разбира, со нетрпение го очекуваат тоа, вели Маричиќ.
За важен сигнал кон Западен Балкан, Маричиќ ја смета и Извршната уредба на претседателот Бајден, со која уште еднаш се потврдува значењето на мировните договори.
Тој посочи и на одличната соработка помеѓу двете земји, особено во делот на споделување на искуствата при водењето на преговорите со ЕУ и ја поздрави поддршката од премиерот Пленковиќ за време на хрватското претседателство.