Маричиќ за „Пондики“: Дијалогот со Бугарија да се заснова на европските вредности и принципи, а не на тоа „кој е посилен“


Прашањето со Бугарија треба да се реши од перспектива на европските вредности и принципи. Нагласувам дека е неопходен дијалог кој се заснова на европските вредности и принципи, а не на тоа „кој е посилен“ или кој е член на Унијата, а кој не, вели заменик-претседателот на Владата на Северна Македонија за европски прашања Бојан Маричиќ во интервјуто за грчкиот информативен портал „Пондики“, јави дописничката на МИА од Атина.

Во интервјуто под наслов „Атина и Скопје работат за интеграција на Северна Македонија во ЕУ“, Маричиќ говори за неодамнешната неформална вечера на лидерите од Западен Балкан во Атина, организирана од грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, за европската перспектива на земјата, но и за Договорот од Преспа и односите со Грција.

Вицепремиерот истакнува дека следните чекори на патот кон членството на Северна Македонија во ЕУ вклучуваат „храбри мерки и одговорна работа во внатрешноста“ и изразува подготвеност за дијалог со Бугарија, објаснувајќи дека „веќе разговараме за сите отворени прашања што постојат“.

-Подготвени сме да се справиме со прашањата за време на преговорите со Европската Унија. Во никој случај не сме подготвени да се откажеме од нашиот македонски јазик и нашиот идентитет. Имаме сет на обврски што треба да ги исполниме за нашата интеграција во Европа. Навременото исполнување на овие обврски ќе ја покаже нашата вистинска намера да станеме ценета членка на Европската Унија. Во оваа фаза, Северна Македонија не само што се стреми да ги исполни критериумите засновани на стандардите на ЕУ, туку и да ги надмине, вели Маричиќ и истакнува дека земјата е целосно посветена на ова патување и „следните чекори се доказ за нашата одлучност“.

За состанокот пред 20 дена во Атина посветен на ЕУ перспективата на регионот на кој Маричиќ присуствуваше заедно со премиерот Димитар Ковачевски, вели дека била потврдена посветеност за нова ера на Западен Балкан со отворена врата кон ЕУ ​​за успешен и одлучувачки пристап, но и „заедничкото уверување дека регионот може и треба да биде нераскинлив дел од Европската Унија“.

-Стратегијата на ЕУ не само што е реална, туку е и суштинска за справувањето со геополитичката динамика во Европа и поширокиот регион, со оглед на настаните што ги живееме веќе една и пол година. Сегашните услови, расположението и намерите на Европејците да ја забрзаат интеграцијата на Западен Балкан во Унијата е одлична можност за сите нас. Вложуваме напори во сите области да ја спроведеме оваа стратегија. Нашата средба со премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис, беше чекор напред бидејќи разговаравме за нашиот тек, кој е усогласен со целите и амбициите на Европската Унија, истакна Мариќиќ.

Посочи дека може да се каже дека „влеговме во нова ера во односите меѓу ЕУ и Западен Балкан“, објаснувајќи дека на Стратешкиот форум во Блед претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел најави дека следното проширување ќе биде во 2030 година.

-Потребен ни е временски рок и јасен план и мислам дека 2030 година е реален датум за завршување на реформите меѓу Европската унија и земјите кандидати. Но, ако остане само ветување што беше дадено во Солун, тогаш ќе постои големо разочарување. Мислам дека штом ги завршиме нашите обврски, ќе бидеме во групата на следните членки на ЕУ, истакна вицепремиерот.

На прашањето „Дали Северна Македонија е блиску до европското семејство?“, Маричиќ потенцираше дека тоа е неспорно од многу причини: географски, социолошки, политички и демократски.

-Ставот на нашите граѓани кажува многу за нивната желба да бидат дел од европското семејство. Нивната непоколеблива поддршка за членство во ЕУ укажува на заедничка визија за просперитетна, стабилна и обединета Европа. ЕУ ја гледаме не само како институција, туку како заедница на нации што ги одразува нашите сопствени вредности и аспирации. Нашата посветеност на демократските вредности и интеграцијата во ЕУ е доказ за нашата силна желба официјално да се интегрираме во Европската унија и да придонесеме за колективната иднина на Европа, рече Маричиќ за грчкиот протал, пренесе МИА.

За односите со Грција, пет години по потпишувањето на Договорот од Преспа, вицепремиерот вели дека двете земји се во фаза која се карактеризира со пријателство, доверба и заедничка посветеност на заеднички напредок.

-Сега, двете земји вредно работат за Северна Македонија да се интегрира во ЕУ. Грција беше поддржувачки сојузник, нагласувајќи ја важноста на обединет Западен Балкан. Во суштина, пет години по Договорот од Преспа, Северна Македонија и Грција се во фаза на меѓусебно почитување, соработка и оптимизам. Се докажува дека мирните решенија можат да доведат до посветла, заедничка иднина за сите, истакна Маричиќ.

Back to top button
Close