Маричиќ за заканата на Беса за уривање на Владата: Низ разговори ќе ги решиме сите дилеми
Министерот за правда Бојан Маричиќ смета дека ќе се решат сите дилеми и нема да има никакви последици, и покрај заканата што ја упати генералниот секретар на Беса и министер за земјоделство Аријанит Хоџа, дека оваа партија може да излезе од мнозинството и да ја урне Владата.
Хоџа пораката ја упати синоќа откако Државната изборна комисија (ДИК) прифати приговор на ДУИ и одлучи да се прегласува на едно избирачко место во Желино – општината во која кандидатот на Беса победи пред ривалот од ДУИ со само 69 гласа разлика, а сега може да дојде до прегласување.
„Мислам дека низ разговори и состаноци ќе ги разрешиме сите тие дилеми. ДИК донела одлука и тоа не е само за Желино, така што ќе видиме. Не би требало да има тоа политички импликации – вели Маричиќ.
Тој денеска одговараше и на новинарски прашања околу тоа разговорите и одлуката за нов мандатар по најавената оставка на премиерот Зоран Заев и кажа дека за денеска се предвидени серија средби на коалициските партнери, па се очекува наредната недела да се излезе со конкретен план.
„Консултациите и состаноците се во тек и не е благодарно да изнесуваме детали и да кажуваме што ќе биде бидејќи сè уште се во тек консултациите и со коалициските партнери и на ниво на СДСМ. Денеска има серија на средби и очекуваме наредната недела веќе да излеземе со конкретен план затоа што тоа е важно и за граѓаните и за државата. Нас приоритет ни е да се зачува парламентарното мнозинство бидејќи тоа е волја на сите коалициски партнери и секако да ја најдеме најдобрата формула како да продолжи да функционира владата во овој момент бидејќи има расположение и одлука да се продолжи, а да нема избори во овој момент – рече министерот.
Маричиќ рече дека се шпекулации информациите дека тој е во игра за нов мандат.
„Тоа е шпекулација, ниту сум разговарал ниту некој ме прашал, ова освен да го означам како шпекулација ништо друго не можам да кажам – рече Маричиќ.
На прашање за тоа зошто никој од изборниот штаб на СДСМ досега не поднел оставка поради неуспехот на локалните избори, Маричиќ исто така најави дека и она ова ниво се предвидени средби за денеска, а кога ќе има одлука ќе се објави јавно.
„Ние сме имале неколку средби на повеќе нивоа и денеска има сериозна серија на средби во која ќе се прави оценка и на одговорноста на Централниот изборен штаб и на сите нивоа и мислам дека потоа, кога ќе се договориме, ќе има објава што понатаму во смисла на понесување одговорност – вели Маричиќ.