Маричиќ: Заштита на македонскиот идентитет и јазик и почеток на преговорите со ЕУ ни се главен стремеж

 Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ е дециден дека интересот на Северна Македонија во разговорите со Бугарија е да се заштити македонскиот јазик и македонскиот идентитет, но главен стремеж на земјава, нагласува, се и преговорите со ЕУ.

Во утринското гостување на Канал 5, Маричиќ се осврна и на Договорот од Преспа чии придобивки, како што оцени, се гледаат на дело, а Грција стана наш поддржувач во ЕУ.

-Интересот на Северна Македонија во разговорите со Бугарија е да се заштити македонскиот јазик и македонскиот идентитет, но интерес ни е и да ги почнеме преговорите со ЕУ. Сметам дека низ дијалог можеме и двата интереса да ги исполниме, рече вицепремиерот.

Тој додаде дека двајцата нови премири во Северна Македонија и Бугарија покажуваат желба со нова енергија и врз основа на научените лекции од изминатите години да се најде решение за сите отворени прашања.

-Ние јасно и јавно сме ги кажале нашите позиции. Собранието утврди Декларација поддржана од сите партии, кажуваме дека македонскиот јазик и идентитет не се предмет на преговори. За останатите прашања, кои се од грижа на Бугарија ние сме подготвени да разговараме, нагласи Маричиќ.

Според него, целта е да се има позитивна комуникација и затоа се формирани работните групи кои отвораат можности и проекти за соработка и зближување во повеќе области.

Во однос на Грција, Маричиќ потенцира дека веќе бележиме зголемена трговија, повеќе патувања и поголема соработка.

-На дело се гледа придобивката од Договорот од Преспа. Грција од 2019 лобира за нас. Ако ги следиме дискусиите во Брисел, тие посојано ја промовираат нашата евроинтеграција и притискаат да почнеме преговори. Токму и тоа е суштината на Договорот. Очекувам истото да го прави и Бугарија откако ќе ги затвориме отворените прашања и ќе продолжиме како пријатели. Мислам дека е најдобро преку конкретни чекори да согледаме која е придобивката од затворањето на отворените прашања со соседите. Сите останати алтернативи, освен ЕУ, се полоши за државата и дека евроинтеграциите се стратешка цел на земјата уште од нејзиното формирање, смета вицепремиерот.

Back to top button
Close