Маринакис: Европската перспектива на Северна Македонија е затворена сѐ додека не ги почитува преземените обврски

Во врска со учеството на грчкиот премиер на 75. состанок на НАТО, портпаролот на грчката влада Павлос Маринакис го започна брифингот на политичките уредници.

– Киријакос Мицотакис се осврна на кипарското прашање, нагласувајќи дека 50 години по трагедијата од 1974 година, Кипар, земја членка на ЕУ, не може да остане поделен и ја повтори потребата од рестартирање на разговорите за решавање на кипарското прашање. Истовремено, тој се осврна и на прашањето за почитување на Договорот од Преспа, нагласувајќи дека негова целосна имплементација е неопходна за НАТО алијансата и за Западен Балкан – информираше Маринакис.

Тој го цитираше грчкиот премиер и неговото предупредување дека прекршувањето или селективното почитување на Договорот од Преспа не само што го поткопува кредибилитетот на сите напори за решавање на отворените прашања во Западен Балкан, туку и ја загрозува безбедноста во поширокиот регион.

-Pacta sunt servanda, договорите мора да се чуваат. Ова мора сите да го паметиме – рече вчера грчкиот премиер.

Маринакис денеска потсети дека Нова демократија не гласала за конкретниот договор бидејќи има празнини во заштитните мерки и одредби, нагласувајќи дека овој став денеска е оправдан.

„Поради оваа причина, ние не ги ратификувавме протоколите што произлегуваат од договорот, ниту ќе го направиме, доколку соседната земја не ги почитува обврските што ги презеде. Сепак, очигледно е дека напредокот, безбедноста и просперитетот се засноваат на почитување на меѓународното право и меѓународните договори и сè додека нашите соседи не го сфатат тоа, нивната европска перспектива ќе остане затворена“, нагласи тој.

Back to top button
Close