Маринакис: Грција не планира да испрати војници во Украина
Грција не планира да испрати војници во Украина, истакна портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис во интервју за грчката телелвизија „Скај“, објаснувајќи дека испраќањето мировни сили се однесува на следна фаза од разговорите за безбедносните гаранции, јави дописничката на МИА од Атина.
Маринакис изрази надеж дека разговорите ќе стигнат до ова ниво, а потоа секоја земја сама ќе одучи за начинот на кој ќе учествува во безбедносните гаранции, нешто за што е сè уште рано да се говори.
-Да видиме како ќе напредуваат разговорите, па ќе видиме и ние и останатите држави кои ќе учествуваат во оваа дискусија, јасно да одговориме како и на кој начин ќе придонесеме, но сигурно не на ниво на кое се дискутира со воени сили, објасни Маринакис во однос на безбедносните гаранции и можноста Грција да испрати војници.
За Украина го повтори она што го потенцираше и грчкиот премиер на вчерашните видеоконференции на европско ниво дека „потребен е итен прекин на огнот“, но и додаде дека она што е важно е „волјата и на САД, но и на ЕУ за безбедносните гаранции“.
Паралелно нагласи дека „Грција е суверена држава, која пред сè и над се го почитува меѓународното право и под никакви околности нема да отстапи од својот став за неповредливост на границите“.