Маркоски: Сакаме позитивен старт во европските натпревари
Македонскиот претставник во Конференциската лига на УЕФА Работнички од Скопје утре во унгарскиот град Шомботели го игра првиот натпревар од првото квалификациско коло. Противник им е белорускиот тим Торпедо Белаз, а поради близината на воената состојба овој натпревар се игра на неутрален терен.
– Време е за европскиот предизвик. Се подготвувавме за ова, го анализиравме противникот. Торпедо-Белаз е квалитетен тим, но ние сакаме позитивно да го стартуваме ова европско лето. Верувам во тимот, ќе сториме сѐ да оствариме посакуван резултат и реваншот во Скопје по седум дена да го дочекаме со еден чекор поблиску до пласман во следното квалификациско коло. Работнички по седум години е повторно во Европа и тоа дополнително нѐ мотивира да дадеме и повеќе од максимум и на двата натпревар, изјави на прес конференцијата тренерот на Работнички Бојан Маркоски.
Натпреварот Торпедо Белаз – Работнички се игра на стадионот Халадаш, а почетокот е во 20 часот.