„Марковски не е во бегство, во Србија е поради деловни обврски, ќе се врати во сабота“, вели адвокатот на бизнисменот кој приложи гаранција од 5 милиони евра за враќање на пасошот
Адвокатот на битолскиот бизнисмен Борче Марковски, Марјан Николоски, изјави за Телма дека неговиот клиент не е во бегство, туку отпатувал во Србија поради деловни обврски поврзани со фирма што ја поседува во таа земја.

Марковски, кој е почесен конзул на Белорусија во Македонија, вчера ја напуштил државата откако Основниот суд во Струга му го вратил пасошот, кој претходно му бил одземен како мерка на претпазливост. Тој е меѓу осумтемина обвинети во предметот што се однесува на јавна набавка за дислокација на погонски станици од ТЕЦ „Осломеј“ во РЕК „Битола“.
Според неговиот адвокат, Марковски има неодложни работни состаноци во Србија и планира да се врати во Македонија во сабота.
„Тој има сериозна компанија во Србија која не може да функционира без негово присуство. Денеска и утре има важни состаноци, а во сабота ќе биде во Македонија. Не станува збор за бегство. Оставена е гаранција, а тој не се чувствува виновен. Напротив, сакаме судскиот процес што поскоро да започне и да заврши, бидејќи сме уверени дека ќе ја докажеме неговата невиност“, изјави Николоски.
За враќањето на патната исправа Марковски приложил гаранција во вредност од пет милиони евра во недвижен имот.
Од Основното јавно обвинителство појаснија дека барањето за укинување на мерката било поднесено од одбраната. Иако првично обвинителот дал негативно мислење, по новото барање предметот бил доставен до Вишото јавно обвинителство во Битола, кое наложило да се даде позитивно мислење за враќање на пасошот.
Како образложение за таквата одлука е наведено дека со дадената гаранција е намалена опасноста од бегство, а биле земени предвид и аргументите на одбраната дека Марковски мора да отпатува во Србија заради непречено работење на компанијата и потпишување деловна документација.
Од Обвинителството посочуваат дека сите околности поврзани со оваа одлука ќе бидат дополнително разгледани, но нагласуваат дека во моментов Марковски не се смета за лице во бегство и останува обврзан редовно да се јавува пред надлежниот суд






