Мароканецот кој запали цигара од пламенот кај Триумфалната капија во Париз остана без дозвола за престој

Мароканецот кој запали цигара од вечниот оган на Гробницата на непознатиот војник и кој досега легално престојувал во Франција со дозвола за престој до октомври 2025 година е приведен. Како што објави француското Министерство за внатрешни работи, неговата дозвола за престој ќе му биде одземена.

Фото: EPA/LUDOVIC MARIN / POOL MAXPPP OUT

Инцидентот се случил во понеделник вечерта, под Триумфалната капија во Париз, кога 47-годишниот маж се приближил до пламенот, клекнал и запалил цигара. Сè било снимено на видео од турист од Латвија, кој ја објавил снимката на Тикток. Снимката брзо се проширила на социјалните мрежи, предизвикувајќи силни реакции.

Во сведочењето на туристот, кој разговараше со весникот „Ле Фигаро“, се наведува дека човекот не изгледал под дејство на алкохол или дрога, туку изгледал „целосно свесен и горд на својот чин“.

Според властите, 47-годишникот веќе им е познат на полицијата и судските служби. Тој го признал делото.

Министерот за внатрешни работи напиша на платформата Икс: „Овој чин, недостоен и жален, го навредува сеќавањето на оние што паднаа за Франција“.

Гробницата на Непознатиот војник се наоѓа под Триумфалната капија од 11 ноември 1920 година, во спомен на војниците кои ги загубија своите животи за Франција за време на Првата светска војна.

Back to top button
Close