Марш на црвените чадори по петнаесетти пат во Скопје

По повод одбележувањето на 17-ти декември – Меѓународниот ден за стоп на насилството врз сексуалните работници, денеска во Скопје ќе биде одржан Марш на црвените чадори. Маршот ќе почне во 12:00 часот од платото пред Спомен куќата на Мајка Тереза на улица „Македонија” и ќе заврши на плоштадот „Филип II”.

– Ние, сексуалните работници, здружени во СТАР-Првиот колектив на сексуални работници на Балканот, заедно со нашите партнери и поддржувачи ХОПС-Опции за здрав живот Скопје, ТрансФормА и Коалиција МАРГИНИ, овогодишната кампања ја посветуваме на 15 годишниот јубилеј, преку ретроспектива на изминатите маршеви на црвени чадори, на сите наши успеси, постигнувања, јавни пораки и барања, но и предизвици и проблеми со кои сме се соочувале низ годините во борбата против насилството и дискриминацијата, информираат организаторите.

Тие потсетуваат дека првиот Марш на црвените чадори беше одржан во Скопје на 17-ти декември 2008 година, во организација на здружението ХОПС и тогаш неформалната група СТАР-СТАР.

– Првите три години јавните протести на сексуалните работници беа симболични и се одвиваа без присуство на медиумите, што пак се должеше на стравот да излеземе во јавност и јавно да зборуваме за нашите проблеми и потреби. Но, од година во година станувавме се похрабри и погласни во борбата против насилството, стигмата и дискриминацијата и благодарение на Вашата медиумска поддршка овие јавни настани добиваа се поголема видливост. Повеќе не сме скриени во општеството и зборуваме во свое име, велат организаторите на маршот.

Сексуалните работнички велат дека денеска достоинствено ќе маршираат низ Скопје, заедно со голем број сојузници, активисти и поддржувачи.

– Денес, гордо ги застапуваме нашите човекови, здравствени и работнички права пред институциите и општата јавност, бараме подобри и побезбедни услови за работа, бараме подобро законско решение за сексуалната работа во земјата, бараме декриминализација на сексуалната работа, истакнуваат сексуалните работнички.

Back to top button
Close