Марш за ангелите“ во Кочани – родителите на починатите деца побараа одговори од МВР, УЈП и од Обвинителството


Во Кочани вечерва се одржа десеттиот „Марш за ангелите“ на кој родителите на децата кои починаа во пожарот во „Пулс“ побараа одговорност од институциите.

По вообичаената маршута од Паркот на Револуцијата, кон Трговскиот центар и зградата на Општина Кочани, учесниците на маршот пред Полициската станица јавно побараа одговори од Министерството за внатрешни работи и од министерот Панче Тошковски зошто полициските службеници, при контролата што ја спровеле кобната ноќ во дискотеката, не ги следеле законските одредби и стандарди.

-Дали акциската контрола е спроведена законски, дали светлата биле запалени, дали музиката беше стопирана, дали службените лица од МВР кои беа таму и видоа дека настанува пожар воспоставија коридор и ги насочија нашите деца во темницата и чадот полека да го напуштат објектот? Дали најпрвин не ги пуштале да излезат, за потоа кога огнот се повеќе беснеел и се создаде топ толпа од деца кои сакаат да излезат надвор, полицајците ја отвориле вратата и први пред децата трчаа кон излезот да се спасат? Дали се утврдени неправилности и одговорностите во кои работеле, дали сите тие лица вработени во МВР кои беа во акциска контрола се повикани на распит и се осомничени? Бараме одговорност од МВР и средба со ОЈО ГОК, истакнаа родителите пред Одделението за внатрешни работи.

Протестниот марш продолжи кон Основниот суд и Јавното обвинителство во Кочани каде родителите побараа одговори зошто и покрај нивните укажувања, во обвинителниот акт не се вклучени и лица од Управата за јавни приходи кои иако знаеле дека е блокирана сметката на фирмата сопственик на дискотеката, дозволиле таа да продолжи со работа.

-Ако блокадата била заведена на 16 август 2024 година, тоа значи дека веќе до крајот на септември Управата требало да постапи, а клубот „Пулс“ требало да биде затворен. Сепак, тој продолжил да работи и 62 животи беа изгубени и тоа не се технички грешки туку системски прашања до истражителите во Јавното обвинителство. Дали е точно дека Упрвата за јавни приходи не постапила по своја законска обврска, кој бил надлежен да го поднесе барањето за стечај и зошто тоа не било направено? Дали некогаш даночен инспектор низ годините направил каква било контрола во објектот, освен онаа која се споменува во декември 2024 година и дали инспекторката за економски криминал од МВР ги има проверено сите овие нерегуларности, прашаа родителите пред Јавното обвинителство.

Додадоа дека институциите ги знаеле нерегуларностите во „Пулс“ пред да се случи пожарот, нагласуувајќи дека трагедијата не е последица на една грешка, туку на ланец од институционални пропусти. Побараа секој пропуст да се идентификува и секој виновник да биде повикан одговорност, со што државата ќе покаже дека законот важи за сите.

Back to top button
Close