МАРШАЛОВ ФОНД
Ќе се формира Министерство за ненадлежност со вицепремиер што ќе го води телото за меѓуресорска координација на ненадлежности на сите министерства и државни и општински институции.
Цела држава ни е репрезентативен примерок на кој може да се прави студија на случај за ненадлежност. Можеме да одиме по светот и да им држиме обуки за ненадлежност на тамошните власти.
Последен практичен опит е случајот со потпорниот ѕид во населбата Водно над Детската клиника во Скопје. Ѕидот почнал да попушта уште во 2019 година, а сега веќе се урива. Директорите на Клиниката паничеле уште пред пет години, сега паничи Стојанче Ангелов од Центарот за управување со кризи (ЦУК), ама никој не е надлежен. Општина Центар вели дека за ѕидот е надлежен Град Скопје, Град Скопје вели дека ѕидот е одговорност на Министерството за здравство, а Министерството за здравство вели дека ѕидот и улицата над него сигурно не се во надлежност на здравствените власти. И така, по пет години префрлање на надлежноста, кругот се затвори.
Ех, кога би дошла некоја инспекција и да ја затвори цела држава. Само што и инспекцијата ќе мора да биде некоја од надвор, оти ако е тукашна и таа ќе се прогласи за ненадлежна.
Паѓа ѕид што држи улица во центарот на главниот град и го загрозува сообраќајот, паркингот, па и цела Детска клиника, а ти како локална власт избрана и платена од граѓаните викаш: „Тоа не е моја надлежност“. „Решавање на проблеми не е наша работа“. „Не смееме да чепкаме таму“.
Што се случува кога ќе кажеш дека не си надлежен? Ќе престане ли да паѓа ѕидот? Или – не сум надлежен, не ми е гајле. Нема надлежност, нема проблем.
Настрана што ѕидот и тоа како е надлежност баш на локалните власти. Тој ѕид не е потпорен ѕид што треба да ја држи планината. Тоа е бетонска ограда меѓу улицата и Клиничкиот центар која видела мака. Тој од власта што си наплатил комуналии за градба на сите оние зградишта што го силуваат Водно треба и да си го направи ѕидот. Кога веќе биле лакоми за пари од плацеви, тогаш нека платат и нека ја заштитат и болницата од свлечишта. А не, одвај да чекаат да кажат дека се ненадлежни. За да им останат пари во буџетот за уште некое партиско вработување. И за уште некој однапред дефиниран победник на тендер. За да остане повеќе за нив.
Ама, тоа е веќе друга тема. За тоа ќе треба да расправа некоја друга институција што ќе се прогласи ненадлежна.
Туку, анџак новото мнозинство во Собранието го зголеми бројот на министерства, можеа по итна постапка да изгласаат и Министерство за ненадлежност. Со министер и вицепремиер што ќе го води телото за меѓуресорска координација на ненадлежности на сите министерства и државни и општински институции.
Целата колумна на Горан Михајловски на СДК.МК