„Маршот за ангелите“ ќе паузира оваа сабота

Родителите на децата кои трагично ги загубија животите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани соопштија дека оваа сабота, на 2 август, нема да се одржи редовниот „Марш за ангелите“. Одлуката е донесена поради државниот празник Илинден, ден посветен на борбата за слобода и достоинство.

Во обраќањето до јавноста, семејствата наведуваат дека Илинден е ден кој заслужува тишина, почит и потсетување дека вистинската слобода постои само кога постои и правда – особено за невините.

„Иако овој викенд нема да бидеме на улиците, нашата болка, љубов и борба не престануваат. Продолжуваме следната сабота – посветени, обединети и гласни – во име на сите што беа неправедно одземени“, се наведува во соопштението потпишано од родителите на загинатите.

Маршевите, кои се одржуваат секоја сабота во Кочани, се еден од начините преку кои семејствата бараат одговорност од институциите за смртта на 62 млади луѓе во трагедијата што се случи на 16 март годинава. Случајот сè уште не е целосно расветлен, а јавното обвинителство и натаму е под притисок од јавноста и медиумите да даде конкретни одговори.

Следниот „Марш за ангелите“ е најавен за сабота, 9 август

Back to top button
Close