Марта Кос не можела одеднаш да ги внесе сите земји од Западен Балкан во ЕУ

Европската комесарка за проширување Марта Кос во интервју за Н1 оцени дека последните измени на судските закони во Србија претставуваат чекор назад и дека со нив е нарушена довербата на Европската Унија.
Таа посочи дека очекува српските власти да го суспендираат нивното спроведување. Коментирајќи го фактот што претседателот Александар Вучиќ ги потпишал законите, Кос изјави дека „може само да претпостави која е причината“ и дека таа и нејзиниот тим направиле проценка „која не е добра“.
Во однос на регионот, Кос наведе дека Црна Гора би можела да ги заврши техничките преговори до крајот на оваа година, а Албанија следната.
Таа изрази охрабрување од податокот дека околу 60 проценти од граѓаните на Босна и Херцеговина веруваат во европската перспектива на земјата.
Сепак, нагласи дека не е „магионичар“ за да може сите земји од Западен Балкан да влезат во Унијата истовремено и дека секоја држава ќе се разгледува поединечно. Македонија не беше спомната одделно.






