Марта Кос: Очекуваме Северна Македонија да го промени Уставот како што вети, ништо повеќе и ништо помалку
Одговорот е јасен и одговорот е дел од овогодишните извештаи за проширувањето – очекуваме земјата кандидатка Северна Македонија да го промени Уставот како што вети, ништо повеќе и ништо помалку. Владеење на правото, почитување на човековите права, право на припадност на малцинства, повторно член 2, е основата. Оттука, очекуваме владата на Северна Македонија да го исполни ова барање. Ова денеска го порача кандидатката за комесар за проширување на ЕУ Марта Кос, за време на сослушувањето за потврдување на нејзината кандидатура, одговарајќи на прашања од бугарските европратеници, кој е нејзиниот став за уставни измени со одложено дејство за кои се залага владата на премиерот Христијан Мицкоски.
Бугарските европратеници – членови на комитетот за надворешни работи ја прашаа Кос и за тоа како ќе се решаваат билатералните прашања меѓу земји членки и земји кандидатки, како што е тоа случајот меѓу Софија и Скопје, и дали таа, ако биде потврдена за еврокомесар за проширување, ќе работи на тоа да се почитуваат правата на Бугарите во Северна Македонија.
„Исполнувањето на обврските е многу важно. Кога зборувам за билатерилизација на можни спорови меѓу земји членки и земји кандидатки, интересот на земјите членки секако дека доаѓа прв. Она што јас го гледам, а тоа ќе биде моја работа ако бидам потврдена за еврокомесарка, јас и моите колеги ќе направиме се што можеме за да не увезуваме билатерални прашања во процесот на проширување. Но, имаме ситуација како во вашата земја кога сево ова е дел… Штом го имаме процесот на преговори имаме на располагање повеќе алатки како да им помогнеме на земјите кандидатки, но и на земјите членки да постигнат решение. Нема друг начин. Не можам да поставам датум колку долго ќе трае тој развој, но недоразбирањата треба да ги надминеме врз основа на нашите вредности“истакна Кос.
На усвојување на уставните измени упати и Европската комисија во годинешниот Извештај за напредокот на земјава на патот кон Европската Унија.
„И покрај обидите, досега не е постигнат напредок во донесувањето на уставните измени, со цел во Уставот да се вклучат граѓани кои живеат во границите на државата и се дел од другите народи, како Бугарите, како што е наведено во заклучоците на Советот на Европа од 18 јули 2022 година, на кои земјата се обврза да ги преземе“се наведува во Извештајот.
Препораката за уставните измени од Извештајот на ЕК, минатата недела ја повтори и шефот на Делегацијата на Унијата во земјава, Микалис Рокас.
„За да се унапреди процесот на пристапните преговори со Европската Унија (ЕУ), Северна Македонија треба да ги усвои уставните измени со цел да ги вклучи граѓаните што живеат во границите на државата и што се дел од други народи, како што се Бугарите, а што земјата се согласи дека ќе го направи“ рече Рокас на заедничка прес-конференција со министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, презентирајќи ги главните заклучоци и препораки од Извештајот на ЕК.
Унгарското претседателство со Европската Унија на 15 октомври соопшти дека Комитетот на постојани претставници на владите на земјите членки на ЕУ (Корепер) го усвоил заедничкиот став на Унијата за отворање на првиот кластер во преговорите за членство на Албанија, со што се овозможи во Луксембург да се одржи меѓувладина конференција ЕУ-Албанија.
Албанија ги почнува преговорите по кластери за членство во ЕУ
Со ова, практично, Албанија се одвои на својот европски пат од Северна Македонија. Двете држави се движеа заедно во пакет кон полноправно членство во Унијата, но поради неусвојувањето на уставните измени, Македонија не може да ги продолжи преговорите.
Премиерот Христијан Мицкоски во повеќе наврати го повторува ставот, негов и на Владата која ја предводи, дека нема ништо против вметнување на Бугарите во Уставот, но инсистира уставните измени да важат откако Македонија ќе стане полноправна членка на Унијата, со цел на патот кон Унијата да не се соочиме со идни можни блокади и условувања од страна на Бугарија.
Тој најави дека ваквиот предлог ќе го презентира во Брисел и дека ќе бара поддршка тој да се реализира. Мицкоски неодамна во Берлин, во рамките на „Берлинскиот процес“ оствари средба со канцеларoт Олаф Шолц и со други високи официјални лица и премиери на земји членки на ЕУ, кои, како што информираше, ја изразиле огромната поддршка за Македонија во евроинтегративниот процес. Тоа, како што нагласи тогаш премиерот, го направило поголем оптимист дека конечно ќе бидеме дел од Унијата. Но, Мицкоски не кажа дали го презентирал својот предлог за одложени уставни измени и каков бил евентуалниот фидбек во однос на истиот.
„Во делот на евроинтегративните процеси уште еднаш го потенцирав ставот на Владата, дека премногу имаме и како народ и како држава во изминативе децении дадено и дека заслужуваме шанса да ги почнеме процесите безусловно, дека заслужуваме да ги отвораме поглавјата и да ги покажеме нашите капацитети за тоа колку бргу ќе ги затвораме. Останувам подготвен да разговарам со било кого за да изнајдеме решение коешто ќе значи на долг рок вистинско решение со јасен крај – членство во ЕУ“истакна премиерот.
Мицкоски од Берлин: Германија останува наш силен поддржувач, поголем оптимист сум дека конечно ќе бидеме дел од ЕУ
Министерот за европски прашања Орхан Муртезани, на почетокот на октомври, во интервју за „360 степени“, откри дека на средбите кои заедно со премиерот Христијан Мицкоски неодамна ги имале во Брисел со високи претставници на Европската Унија, меѓу кои и со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, се разговарало за идејата за уставни измени (за внесување на Бугарите) со одложено дејство. Како што кажа, во Брисел нема голема надеж за оваа идеја, но таа не се отфрлала анблок.
„Беше разговарано за предлогот на нашата влада за носење на уставните измени со одложено дејство, за што, морам да бидам искрен, не дека има некоја голема надеж од страна на институциите во Брисел дека таков предлог би поминал, меѓутоа не се отфрла анблок. Има одредена доза оптимизам кој ние ќе треба да го конкретизираме. Мислам дека Владата има добра основа кога вели дека логиката во уставните измени треба да е слична со онаа што е направена кога влеговме во НАТО по промената на името. Односно дека во фазите на промената на Уставот треба да има уште еден дополнителен амандман што ќе гласи дека содржината ќе се материјализира, ќе влезе во сила, откако Бугарија ќе го ратификува договорот за приклучување на земјава кон Европската Унија“рече Муртезани.