Машиновозачите се договорија со Министерството: „Легнаа“ парите за ноември, но преговорите за коефициентите продолжуваат
Машинскиот и извршниот персонал на МЖ Транспорт го прекина бојкотот откако денеска им беше исплатена ноемвриската плата. Ова е резултат на средбата со претставници на Министерството за транспорт, каде што се разговарало и за останатите барања на работниците.

„Отворено разговаравме за проблемот и ја известуваме јавноста дека истиот е надминат. Исплатен е вториот дел од платата за ноември, а активно се работи на реализација на останатите барања“, изјави Тони Димовски, претседател на синдикалната организација.
Покрај редовната плата, синдикатот бара исплата на прекувремени часови, бонус плата, зголемување на коефициентот за 0.80 поради животните трошоци, како и додаток од 10 отсто за вонредно повикување на работа. Координацијата со државните институции продолжува за решавање на овие прашања






