Маските во училиштата остануваат – тие се причина за ниската трансмисија на вирусот

За да се укине ваква мерка, би требало да има нов скрининг во такви услови, сметаат од Комисијата

Комисијата за заразни болести на денешниот состанок не дискутирала за укинувањето на маските во училиштата. Како што информира портпаролот на Комисијата Злате Мехмедовиќ на денешната прес-конференција по состанокот, состојбата во училиштата е постабилна, но за да се укине ваква мерка би требало да има нов скрининг.

„Епидемиолошката состојба во училиштата секако дека е постабилна, скринингот покажа дека 0,8 проценти е трансмисијата помеѓу оние ученици коишто се избрани по случаен избор, меѓутоа би требало да земеме предвид една важна работа, а тоа е дека скринингот е направен додека важи мерката за носење на маските во училиште, а не без маски и не сме сигурни дека би имале ваков резултат во тој случај. Ако се случи укинување на маските, тогаш би требало да направиме веројатно нов скрининг и да се следи ситуацијата каква би била трансмисијата на вирусот во такви нови околности“,наведе Мехмедовиќ.

За скринингот на населението, исто така, не се разговарало на денешниот состанок. Претседателот на Комисијата Александар Петличковски рече дека од 920 примероци во Скопје има солиден процент на имунитет кај вакцинирани лица, околу 80 отсто, додека кај 170 невакцинирани, кај 70 отсто има знаци на имунолошки одговор. Сепак, Петличковски смета дека мора да се истакне оти нема бројки кои би биле сигурен знак дека некој е заштитен.

За да се одреди дека постои имунитет кај населението, според Петличковски, потребна е комбинација на повеќе параметри – вакцинација со две и три дози, прележаност по природен пат, број на заразени, на хоспитализирани, лица на интензивна нега, со што се добива пресек на епидемиолошката состојба.

„Сите овие параметри се следат и кај нас и во западните земји каде се укинуваат некои рестриктивни мерки. Но исто така треба да знае дека доколку ситуацијата се влоши, тие можат да бидат вратени. Затоа не би требало да избрзуваме“,рече Петличковски.

Back to top button
Close