Маските задолжителни и бесплатни во забавиштата и училиштата во Грција

– За децата и учениците од четири до 18  години, како и за наставниците и професорите, во новата учебна година во Грција, задолжителна ќе биде употребата на маска, која преку Министерството за внатрешни работи и општините ќе биде бесплатна, јави дописничката на МИА од Атина.

Министерката за образование на Грција Ники Керамеос, во интервју за грчката телевизија „Алфа“, рече дека ја прифатиле препораката од надлежната комисија на епидемиолози за задолжителна употреба на маска во забавиштата и градинките за деца од четири до шест години, како и во основните и средните училишта.

Во понеделник, официјално ќе бидат соопштени правилата и протоколите под кои на 7 септември ќе започне новата учебна година во Грција.

Министерот за внатрешни работи на Грција Такис Теодорикакос, на неговиот официјален Твитер профил соопшти дека се одвоени вонредни финансиски средства во висина од 5,2 милиони евра за сите општини во земјата за обезбедување бесплатни маски за сите ученици и просветни работници во државните училишта.

Паралелно, на социјалните мрежи во Грција се појавија и групи кои повикуваат децата да не носат маска во училиштата. Родителите, кои се членови на групите тврдат дека или нивните деца ќе ги пратат во училиште без маска или дека ќе останат дома и нема да ја следат наставата.

За целиот случај, што предизвика реакции во Грција, според медиумите, веќе реагирал секторот за борба со компјутерски криминал на грчката полиција.

Ќе спроведе истрага и ќе собере материјал што ќе биде доставен до Обвинителството. ср/сд/

Back to top button
Close