Масовен протест во ОН: Околу сто делегати ја напуштија салата на почетокот на говорот на Нетанјаху

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска ја отвори 80-тата сесија на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк во атмосфера што ретко се гледа. Штом зачекори кон говорницата, околу стотина делегати од различни земји станаа и ја напуштија салата во знак на протест против израелската политика во Газа.

Иако израелските дипломати и дел од публиката се обидуваа да го прикријат тоа со гласно ракоплескање и стоење, празните места беа јасно видливи. Службениците на ОН постојано повикуваа на ред поради метежот што настана во салата, а од галеријата се слушаа извици на незадоволство и свирежи. Американската делегација остана на своите места, додека палестинската мисија претходно ги повика државите координирано да ја напуштат седницата штом Нетанјаху почне да зборува.

Сцените пред зградата на ОН беа подеднакво напнати. Таму се собраа семејствата на израелските заложници, барајќи договор за нивно ослободување, додека противниците на израелската офанзива носеа транспаренти и повикуваа на прекин на војната.

Говорот го отвори со порака до Хамас

На самиот почеток, Нетанјаху рече дека Израел „мора да ја заврши работата против Хамас во Газа“. Потоа директно му се обрати на Хамас.  – Спуштете го оружјето. Ослободете го мојот народ. Ослободете ги заложниците. Сите нив, сите 48. Ако го направите тоа – ќе живеете. Ако не, Израел ќе ве лови, додаде тој со повишен глас. Додаде дека по првпат директно им се обраќа на заложниците, надевајќи се дека ќе го слушнат преку разгласните системи поставени долж границата со Газа. Израелската војска потврди дека распоредила девет разгласни системи како дел од кампањата за влијание, но жителите во северна Газа и во Деир ал-Балах изјавија за Ројтерс дека не го слушнале говорот, туку само експлозии.

Поголем дел од своето обраќање Нетанјаху го посвети на одбрана на израелската воена кампања и на отфрлање на обвинувањата за геноцид. – Обвинението за геноцид е лажно. Се зборува дека Израел намерно цели кон цивили. Дами и господа, вистината е спротивна, рече тој. Со тоа реагираше на заклучоците на Истражната комисија на ОН, која минатата недела објави дека Израел извршил геноцид во Газа, што Израел го нарече пристрасно и неосновано.

Според податоците на здравствените власти во Газа, во речиси две години од израелската офанзива загинале повеќе од 65 илјади луѓе, а градот Газа и околните области официјално се прогласени за област на глад.

Зборуваше и за недостигот на храна, тврдејќи дека гладот не е последица на израелската политика, туку на активностите на Хамас. – Се вели дека Израел намерно ги изгладнува луѓето во Газа, додека Израел всушност ги храни. Ако има жители на Газа кои немаат доволно храна, тоа е затоа што Хамас ја краде, ја натрупува и ја препродава по високи цени, рече Нетанјаху.

Упати благодарост до Трамп

Израелскиот премиер во говорот повеќе пати го спомена и претседателот на САД, Доналд Трамп, кому му се заблагодари за акциите против Иран. – Сакам да му се заблагодарам на претседателот Трамп за неговата храбра и одлучна акција. Ја отстранивме егзистенцијалната закана за Израел и смртоносната закана за цивилизираниот свет, рече тој, тврдејќи дека израелските и американските акции ги девастирале иранската нуклеарна и балистичка програма. Нетанјаху ги наброја и воените успеси на Израел во изминатата година, наведувајќи дека израелската војска ја уништила инфраструктурата на Хамас, го ослабнала Хезболах и ги погодила највисоките команданти на Иран и неговите сојузници во регионот.

За дополнително да го засили ефектот на говорот, Нетанјаху користеше плакати и мапи, ги пречкртуваше имињата на противниците на Израел и на публиката ѝ делеше „квиз-прашања“ за тоа кој извикува „Смрт за Америка“. Во еден момент прикачи QR код на сакото, а претходно на говорницата покажа мапа на Блискиот Исток означена со зборот „проклетство“, тврдејќи дека станува збор за иранската „оска на теророт“.

На крајот, Нетанјаху повторно вети дека војната ќе трае додека Хамас не биде уништен како воена и политичка сила во Газа.

Back to top button
Close