Масовни апсења во Истанбул: Претседател на округ и 47 службеници обвинети за корупција
Турските власти денеска уапсија претседател на еден од окрузите во Истанбул и уште 47 службеници поради наводи за корупција, што се толкува како дел од кампањата за разбивање на главната опозициска партија во Турција.
Државната агенција Анадолија објави дека главниот обвинител на Истанбул наредил апсење во рамки на истрага за наводи за изнуда, поткуп, проневера и местење тендери во истанбулскиот округ Бајрампаша.
Градоначалникот на Бајрампаша, Хасан Мутлу, ги негираше обвинувањата во изјава на социјалната мрежа Икс, нарекувајќи ги апсењата „политички операции и неосновани клевети“. „Бидете уверени дека заедно со вас, ценетите жители на Бајрампаша, ќе ги надминеме овие клевети и неправедни постапки“, изјави Мутлу.
Во изминатите месеци, повеќе од десет функционери од главната опозициска Републиканска народна партија (ЦХП) и стотици општински службеници се уапсени поради наводи за корупција, вклучувајќи го и градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу. Апсењето на Имамоглу, кој се смета за главен ривал на претседателот Реџеп Тајип Ердоган на следните претседателски избори, предизвика масовни протести.
ЦХП тврди дека апсењата и обвинувањата се дел од офанзивата на државната власт за слабеење на опозицијата и расчистување на теренот за уште пет години владеење на Ердоган. Властите ги отфрлаат овие тврдења, истакнувајќи дека турските судови се независни.
Во клучен случај што ќе се разгледува в понеделник, Судот треба да одлучи дали да го поништи Конгресот на ЦХП од 2023 година, што би можело да го промени раководството на партијата и да ја ослаби. ЦХП на минатогодишните локални избори постигна значителен напредок.