МАТЕМАТИКА И ЕМОЦИИ
Ако во првиот чин Мицкоски зборуваше за „стратешко партнерство со една моќна европска држава“, во вториот чин најавуваше „убава вест за Македонија“, до третиот чин ќе мора да ја каже и каматната стапка по која ќе го земеме кредитот.
Зошто Британија ѝ дава кредит на Македонија?
Затоа што Велика Британија во моментов е втор најголем инвеститор, а и повеќе од половината од трговијата на Обединетото кралство со земјите од Западен Балкан е баш со Македонија. Така што, економската логика е јасна – нам ни требаат пари за развој, а британската влада им помага на британските компании да го шират бизнисот во странство. Затоа и во проектите ќе мора да бидат вклучени најмалку 20 проценти британски фирми, што е сосема ОК – ќе донесат британски стандарди на работа. А и на тие британски фирми ќе им требаат локалци.
Е сега, останува само уште прашањето со која камата ќе треба да се враќа тој кредит. Премиерот Мицкоски не ја кажува каматната стапка затоа што има истенчено чувство за драматургија. Се води според принципот „Чеховски пиштол“ – ако извадиш пиштол во првиот чин, до третиот мора да испука.
Мицкоски прави драма од сѐ – не може сите детали на приказната да ги открие одеднаш, мора секој ден да вади нов детал за да го влече драмското дејство. И сѐ да биде историско.
Значи, ако во првиот чин Мицкоски зборуваше за „стратешко партнерство со една моќна европска држава“, во вториот чин најавуваше „убава вест за Македонија“, до третиот чин ќе мора да ја каже и каматната стапка по која ќе го земеме кредитот.
Драмава со ЕУ трае предолго.
Премиерот продолжува да ја раскажува нашата приказна дека бараме фер третман од ЕУ, а претставниците на ЕУ продолжуваат да ни кажуваат дека мора да ги внесеме Бугарите во Уставот за да ги почнеме преговорите.
Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас, во Скопје рече дека има простор да се надминат пречките и да се одблокира евроинтегративниот процес, но сѐ уште се фокусирани на план А.
Или ние ќе го смениме Уставот. Или ќе чекаме ЕУ да се смени. Кому повеќе му се исплати чекањето ќе дознаеме во последниот чин. Ама драмава толку станува здодевна, што не знам дали нема да избегаме на пауза.
А Македонија ќе си остане како раничка. Ќе си гнои, па ќе заздравува, ама тешко ќе зараснува. Ама од тоа не се умира.
5Премиерот Мицкоски, министерот за локална самоуправа Златко Перински, градоначалниците на Општините Желино и Тетово, како и неколку пратеници од Тетовскиот Регион свечено пуштија во употреба селски пат меѓу Палатица и Тетово. Патот во должина од километар и пол и ширина од пет метри чинел 430.000 евра.
Како ли најдоа место за паркинг на толку службени коли? Пола пат го блокирале.
Целиот текст на колумната на Горан Михајловски на СДК.МК