Матични гинеколози наплаќале за ПАП-тест, ЕХО и други услуги што ги покрива Фондот
По многубројни претставки од пациентки, Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) и Управата за јавни приходи (УЈП) во ноември годинава спроведоа заеднички контроли во 49 приватни гинеколошки ординации низ државата. Како што информира на денешната прес-конференција директорот на ФЗО, Сашо Клековски, ваква заедничка контрола меѓу двете институции не е направена од 2012 година.

ФЗО има склучено договор со вкупно 149 приватни здравствени установи (ПЗУ) за вршење примарна здравствена заштита во дејноста гинекологија – матични гинеколози.
Целта на контролите, како што рече, е проверка на придржување кон договорените обврски меѓу ФЗО и матичните гинеколози, дека прегледот ЕХО, колпоскопија, земање брис за микробиолошко и цитолошко испитување за ПАП-тест, како и сите други дијагностички и терапевтски процедури што се согласно медицина заснована на докази, кај избраниот доктор, не се наплатуваат.
Контролата покажа дека речиси половина од проверените установи работеле спротивно на правилата. Вкупно 23 ординации добија казни или санкции, дел поради наплата на услуги што треба да бидат бесплатни за здравствено осигурените лица, а дел поради неуредно водење евиденција.
„Од контролираните 49 установи, кај 26 немало никакви неправилности или 53 отсто. Неуредни збирно се вкупно 23 ординации, од кои неправилности само кон ФЗО имаат три установи, само кон УЈП имаат 11, а кон двете институции има кај девет установи. Од утврдените 12 установи кон Фондот, главна неправилност е наплата на дополнителни средства од осигурани лица (кај осум ПЗУ) и неуредна евиденција (кај пет ПЗУ). Од УЈП се утврдени неправилности со фискализација кај 20 установи“.рече Клековски.
Според него, и Фондот и УЈП изрекле казни или глоби за сите утврдени неправилности.
Контролата е вршена во Скопје, Битола, Прилеп, Тетово, Штип и Струмица.
„Најнизок степен на уредност има во Струмица, каде што од пет контролирани установи, само една е со уредни наоди, а четири со неуредни. Со висока неуредност е и Скопје, каде што од 16 контролирани установи, седум се уредни, а девет се неуредни. Највисок степен на уредност имаат установите во Битола и Прилеп, каде 70 отсто се со уредни наоди“кажа директорот на ФЗО.
Директорката на Управата за јавни (УЈП), Елена Петрова, рече дека во рамки на заедничките контроли, извршиле контроли кај 46 приватни гинеколози.
„Кај 35 отсто, односно 16 установи утврдивме неправилности во евидентирањето на готовинскиот промет и веднаш се изречени прекршочни санкции. Сакам јасно да потенцирам, иако здравствените услуги се ослободени од ДДВ, а најголем дел од овие установи плаќаат симболичен годишен данок на вкупен приход од 1 отсто или се целосно ослободени, тоа не значи дека неевидентирањето на прометот е без даночен ефект“кажа таа.
Според неа, неевидентирањето на приходите остава простор за нивно користење како неоданочени лични примања, стекнување личен имот од неоданочен доход, како и за плаќања на набавки во готово што директно ја храни сивата економија.
„Глобата се изрекува при прва констатирана неправилност, а при втора во рок од две години се изрекува и построга мерка како запечатување на деловната просторија од 15 до 30 денови“рече таа.
Петрова посочи дека нема да толерира вакво однесување, туку ќе продолжи со засилени и координирани контроли.






