Матурантка претепана од 40-годишник со кој биле во блиски односи, Обвинителството бара притвор за насилникот

Основното јавно обвинителство Битола поведе постапка против 40-годишен жител на Битола, поради основано сомнение дека сторил кривични дела телесна повреда и противправно лишување од 140 слобода.
Според информациите од Обвинителството, инцидентот се случил на 23 мај во раните утрински часови, кога осомничениот противправно ја затворил, ја држел затворена и телесно ја повредил 18-годишната девојка со која биле во блиски лични односи.
Настанот започнал кога осомничениот со својот автомобил ја пресретнал младата девојка додека таа се враќала од матурска прослава. По нејзиното влегување во возилото, тој започнал да вози, и го одзел мобилниот телефон и не и дозволувал да замине.
„Оштетената го молела да ја пушти да излезе и кога запреле на една локација се обидела да го напушти возилото. Но, осомничениот тргнал по неа и започнал да ја удира. Повторно ја внел во автомобилот каде продолжил да ја удира со тупаници, предизвикувајќи ѝ телесни повреди и крварење од носот“,
соопштуваат од Обвинителството.
По нападот, девојката сепак успеала да се ослободи од насилникот и со помош на случаен минувач побарала помош.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Битола веќе достави предлог за определување мерка притвор за 40-годишниот битолчанец.
Како причини за барањето притвор, Обвинителството ги наведува опасноста од бегство на осомничениот, фактот дека лицето и претходно се јавува како сторител на насилство и други кривични дела, како и особено насилничкиот и контролирачки порив кон младата жртва на што укажува начинот на извршување на делото.





