МАТУРСКО ТАБЛО
Дали памтите барем еднаш да било, школската година да завршила нормално и да немало компликации со матурантите? Ту некој бојкотира, ту некој штрајкува, ту нема испечатени свидетелства…
Штрајкот на Државниот испитен центар по три недели е ставен во мирување. Но, самата одлука на Центарот што ја спроведува државната матура да штрајкува на еден месец пред закажаниот датум за матурски испит е вистинска лекција за матурантите. Добредојдовте во светот на возрасните. Да си знаете каде живеете. Погледнете што ве чека во животот во државата на која ѝ требате.
Што да помислиш за државата која на испитот на зрелоста те жртвува за гласови?
Не е спорно правото на вработените во Државниот испитен центар да штрајкуваат. Не е спорно правото да бараат повисоки плати. Спорно е дека решија да штрајкуваат на месец дена пред матурскиот испит. Свесно ќе ги малтретираме 20.000 деца што треба да полагаат државна матура, оти малку се малтретирани. Свесно ќе им го загорчиме животот на 20.000 матуранти кои со ништо не ја предизвикале оваа ситуација за да преживуваат стресови. Свесно ќе жртвуваме уште една генерација која штотуку влегува во светот на возрасните.
Според анализите на Сојузот на средношколци, од секоја генерација завршени матуранти, околу 12 проценти заминуваат на студии во странство. Тоа се деца кои сакаме да ни се вратат дома, оти ни требаат. Тоа се деца кои полагале испити за познавање странски јазици и дополнително се образувале. Година и пол однапред си го планирале животот. И како ќе биде награден нивниот ентузијазам и извонредност? Ќе ги примат на некој престижен универзитет во странство, а дома ќе им го загорчи животот некој службеник кој баш во мај, пред крај на учебната година, решил да бара поголема плата. Сега му е мајката! Да ги испрчиме децата како штитови на барикадите.
Па после, УНИЦЕФ ќе ни прави истражувања дека децата ни биле под стрес поради лажните најави за бомби во училиштата. Не, бре. Тоа отсуство од настава е ништо во однос на стресовите што допрва им претстојат кога ќе се соочат со уписите, пријавувањето испити, непотизмот на факултетите, корупцијата, партиските списоци за студентски домови и стипендии, неорганизираниот јавен превоз, партизираните професори, партизираната студентска администрација…
Вистински испит на зрелоста е кога ќе се погледне матурското табло на средното училиште во Македонски Брод, на кое со фотографии се претставени 8 матуранти од гимназија и тројца од смерот за угостителство и туризам. Вкупно 11 матуранти на сликата. И 23 професори.
Тоа табло нека си го закачат во Државниот испитен центар. Како потсетник за вработените дека тие постојат заради децата. Ако ги нема децата, ни тие нема да постојат.
Целата колумна на Горан Михајловски на СДК МК