Маж и жена од Велес продавале „благословени“ тегли со стихови од Библијата
Од МВР информираат дека е приведен измамник од Велес кој на интерет продавал наводно благословени предмети.
-На 20.05.2025 во СВР Струмица, претставник на МПЦ – OA – Струмичка Eпископија пријави дека од почетокот на 2025 до 20.05.2025 на социјални мрежи се појавила фан страна со назив „Библиска Македонија“ каде се објавувале религиозни содржини, пораки и кратки исечоци од веќе објавени беседи на Владиката Јаков- велат од полицијата.
Исто така, според пријавеното, на страната почнала да се врши продажба на мали тегли со по 31 стих од Библијата, како и религиозни книги кои биле претставени како да се со благослов од Владиката Јаков.
Имено, за теглите, на купувачите им било кажувано дека седеле во манастирот во Ново Село и дека биле благословени од владиката. На тој начин, луѓето се доведувани во заблуда да ги купуваат таквите работи, а дека средствата од продажбата ќе бидат употребени во донации за топол оброк за лица бездомници.
Веднаш по пријавата, со судска наредба, полициски службеници од СВР Струмица и СВР Велес извршиле претрес во домот на 33-годишниот Д.С. од Велес.
При претресот се пронајдени и одземени пет мали тегли со пишан цитат од библијата и други предмети за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривично дело. Вележанецот бил уапсен и со него е извршен службен разговор, а со него на разговор била повикана и неговата 27-годишна сопруга.
Од МВР додаваат дека е запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица и по документирање на случајот, против брачниот пар ќе биде поднесена соодветна пријава.