МЦМС: Нема анкета за рејтинзи на партиите

„МЦМС нарача и објави анкета за ‘100 дена Влада’. Таа не е за рејтинзите на политичките партии. Во извештајот од анкетата нема објавени рејтинзи“, вели директорот на МЦМС, Александар Кржаловски, откако повеќе портали денеска објавија анкета со рејтинзи на партиите
Од МЦМС велат дека не постои нивна анкета за рејтинзи на политичките партии. Откако неколку портали денеска објавија резултати од истражување на јавното мислење со рејтинзи за партиите, „360 степени“ се обрати до МЦМС со барање да ја добие анкетата за автентично да ги објави податоците од неа.

На нашето барање одговори директорот на МЦМС, Александар Кржаловски, велејќи дека таква анкета нема.

Александар Кржаловски, директор на МЦМС
„МЦМС нарача и објави анкета за ‘100 дена Влада’. Таа не е за рејтинзите на политичките партии. Во извештајот од анкетата нема објавени рејтинзи. Во прилогот на извештајот со демографските податоци има табела за процентот на симпатизери на партиите за толкување на резултатите од поставените прашања и по таа основа (каде што има значителни разлики), исто како и за другите демографски елементи (пол, регион, образование)“,

изјави Кржаловски за „360 степени“.
Инаку, серија портали објавија дека ако утре се одржат парламентарни избори ВМРО-ДПМНЕ ќе освои 20,7% од гласовите, а СДСМ 14,6%, повикувајќи се на анкета што за потребите на МЦМС ја изработила агенцијата М- Проспект. Според објавите, ДУИ има поддршка од 7,8%, Алијанса 2,9%,, БЕСА 2,3%, а Левица – 5,2%.

Што покажува истражувањето за „100 дена Влада“
Помеѓу доволен и добар или 2,44 е средната оценка што граѓаните и ја дале на Владата за нејзината работа во првите 100 дена, покажаа резултатите од последното истражување на МЦМС „100 дена Влада“ спроведено во периодот од 3 до 13 мај 2022 година.

Мнозинство од граѓаните (65,1%) изјавиле дека Владата не ги исполнила нивните очекувања. Меѓу нив, побројни се етничките Македонци. Прашани за исполнување на очекувањата во конкретни подрачја, секој петти граѓанин рекол дека неговите очекувања не се исполнети во ниту едно подрачје.

Фатмир Битиќи, заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, има најдобар резултат од позитивните и негативните мислења на граѓаните за тоа како функционерите си ја вршат работата. Подолу на листата се Оливер Спасовски, Министер за внатрешни работи, Фатмир Бесими, Министер за финансии и Благој
Бочварски, Министер за транспорт и врски, сите со ист резултат.

Повеќе од половината граѓани (58,7%) сметаат дека им се влошил квалитетот на живот во последната година, за 29,0% останал ист, додека за 10,7% се подобрил. Сиромаштијата и невработеноста се најголемиот проблем за 30,0% од граѓаните, а за една четвртина од нив (25,9%) тоа е корупцијата и криминалот. Речиси на исто ниво се економската ситуација (13,9%) и иселувањето на младите (13,5%). Граѓаните не се оптимисти кога е во прашање економијата на земјата. Повеќе од половината (55,1%) сметаат дека таа ќе се влоши во следните две години.

Нешто повеќе од половината (51,8%) од испитаниците сметаат дека државата се движи во погрешна насока, додека за 16,8% насоката е правилна. Мнозинство (61,7%) се и оние кои сметаат дека во земјава нема политичката стабилност, за разлика од 35,2% кои велат дека ја има. Владата ужива доверба кај околу една третина од граѓаните, додека мнозинството (63,7%) немаат доверба во неа. И покрај тоа, нема мнозински став за предвремени парламентарни избори.

Поделени се мислењата на граѓаните за тоа кој е најдобриот пат за земјата. За 36,3%, потребни се предвремени парламентарни избори, додека за 30,4% излезот е во целосната мобилизација за надминување на предизвиците и формирање широка коалиција на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Верба дека сегашната влада има сила и способност да продолжи и успешно да ја води земјата имаат 23,3% од испитаниците.

За МЦМС, анкетата ја спроведе М-Проспект. Податоците беа прибирани со телефонска анкета, а примерокот е национален репрезентативен од 1005 испитаници.

Back to top button
Close