МЦМС: Вкупно 88 отсто од граѓаните сметаат дека земјава ќе влезе во економска криза, најзагрозено угостителството

Вкупно 88 отсто од граѓаните сметаат дека земјава ќе навлезе во економска криза поради состојбата со коронавирусот. Според нив, најпогоден сектор од кризата е угостителството и туризмот, а 70 отсто од граѓаните се на ставот дека е потребно отворање на економијата за враќање на работните процеси.

Ова го покажуваат наодите од истражувањата на Македонски центар за меѓународна соработка (МЦМС) поврзани со економијата, влијанието врз навиките на луѓето и подготвеноста за враќање во состојба како таа пред кризата.

Според наодите од истражувањето, вкупно 88 отсто од граѓаните сметаат дека земјата ќе навлезе во економска криза, а 66 отсто очекуваат дека излегувањето од неа нема да биде лесно. Што се однесува до економските мерки на Владата, средната оценка на испитаниците е 2,7. Вкупно 40 проценти владините мерки ги оцениле со ниски оценки, 1 или 2, а 21 отсто ги оцениле со 4 или 5.

На прашањето за тоа кој сектор е најпогоден со кризата, првите три најчести одговори се: угостителство и туризам (27%), сите сектори (24%) и приватни бизниси (23%). Вкупно 77 отсто од испитаниците целосно или до некаде се согласуваат со ставот дека е потребно отворање на економијата за враќање на работните процеси.

-Ковид-19, целосно или до некаде го променил животот и секојдневието на 83 отсто од граѓаните. Повеќе од половината (59%) со 4 или 5 го оцениле степенот на изолација за време на кризата. Очекувано, степенот на изолација повисоко е оценет од повозрасните граѓани. Пандемијата ги променила и навиките за купување на граѓаните, па сега пазари само еден член на семејството (29%) или поретко купуваат во продавници (27%). За среќа, голем број од граѓаните (85%) имаат целосна или делумна поддршка од семејството, пријателите и познаниците. Оваа криза влијаеше на функционирањето на здравствениот систем воопшто. Една четвртина од испитаниците рекле дека заради неа морале да ги одложат лекарските прегледи, се наведува во соопштението на МЦМС.

Истражувањето покажува дека во поглед на негативните чувства, над 70 проценти ретко или никогаш не плачеле, не се чувствувале нервозно (48%) депресивно (50%) и осамено (53%). Тие повеќе се исплашени за блиските (32%) отколку за себе (19%). За најголем број (71%) односите во семејството не се промениле, а речиси секој петти (19%) рекол дека односите се подобрени.

-Граѓаните се преокупирани со информациите за Ковид-19. Еднаш или неколку пати на ден ги следат ваквите информации дури 86 отсто од испитаниците. Средната оценка за покривањето на вестите за пандемијата за националните медиуми е 3,4. Сепак, речиси половина (48%) рекле дека информациите се конфликтни и конфузни. Ваквите оценки најчесто се за информациите пласирани преку веб страните. Повеќе од половина од испитаниците (55%) не се спремни да ја користат апликацијата „СтопКорона“, за разлика од 21% кои се целосно или до некаде спремни за тоа, се наведува во истражувањето на МЦМС.

Според анкетата, работното место (35%) и работните состаноци (27%) се местата каде испитаниците би се чувствувале најкомфорно да се вратат веднаш. Тие се поделени во однос на трговските центри и продавниците, кои би ги посетиле истиот месец (28%) односно, во наредните еден до три месеци (29%). Слични се одговорите на испитаниците во однос на посетата на рестораните и кафулињата. Најтешко ќе биде да им се вратат на патувањата низ земјата (32%), како и одењето на одмор надвор од земјата (38%) кои се оставени за следната година. Враќањето во салите за вежбање (39%), одењето на концерти (39%) во театар (38%) и кино исто така ќе бидат оставени за наредната година.

За МЦМС, анкетата ја спроведе М-Проспект. Податоците се прибирани со телефонска анкета во периодот од 16 до 22 мај оваа година.

Анкетата е спроведена на национален репрезентативен примерок од 1000 испитаници.

Back to top button
Close