„Меѓаши“: Околу 63 проценти од децата слушнале за нивните права, а над 90 сметаат дека возрасните треба повеќе да се едуцираат за детските права

Околу 63 проценти од децата слушнале за Конвенцијата на правата на децата во училиште, од интернет, од дома, од телевизија, од невладини организации, додека над 90 проценти мислат дека и возрасните треба повеќе да се едуцираат и да знаат за правата на децата. Ова беше истакнато на денешната презентација на Детскиот алтернативен извештај за состојбата на правата со децата во нашата земја, во организација на Првата детска амбасада „Меѓаши”.

На извештајот, подготвен од 13 деца на возраст од 12 до 17 години, се изработувани неколку теми: запознавање со правата на детето, насилство врз децата, дискриминација, слободно време, деца на улица и животна средина

Повеќе од 10 проценти од децата биле жртва на насилство, а околу 22 проценти познаваат некого кој бил жртва на насилство. Децата во нашата земја се жртва на различни видови насилство, вклучително педофилија, психолошко насилство, сајбер насилство, семејно, вербално и врсничко насилство. Врсничкото насилство е една од најчестите форми на насилство кое се случува во училиштата и местата на живеење на децата.

-Да не бидеме пасивни наблудувачи, да има вработување на квалитетни психолози за наставниците, да нема сајбер булинг, а ако има да се обратиме за помош, да има едукација на родителите за заштита од педофилија и децата уште од градинка да се едуцираат за нивната сексуалност, препорачуваат децата во извештајот за намалување на насилството.

Според истражувањето, 42,24 проценти од децата се почувствувале дискриминирани во одредена ситуација, најчесто поради нивната возраст, полот, финансиска состојба на нивното семејство, етничката припадност. Децата кажуваат дека се, исто така, дискриминирани поради нивниот изглед, телесна тежина и боја на кожа, како и поради местото на живеење, нивниот стил на облекување или музиката која ја слушаат.

Над 70 проценти од децата истакнале дека немаат рампи во училиштата по кои може да се качуваат децата кои мораат да се движат со помош на количка, додека 80,5 проценти од учениците одговориле дека во нивните училишта нема лични асистенти. -Исто така, многу често некои родители сами ќе платат некоја возрасна личност која може да му помага на детето за време на часовите. Но, има и многу семејства кои не се во добра финансиска состојба за да платат некој да седи со нивното дете. Па, затоа самите училишта треба да имаат некој кој ќе има помага на децата со попреченост затоа што им е потребно. И како последно, 82,57 проценти од учениците одговориле дека во нивните училишта нема обезбедено учебници, компјутерска или друга технологија со Брајова азбука или Брајово писмо − специјално писмо наменето за лицата со оштетен вид, се посочува во извештајот.

Според податоците од истражувањето, половина од учениците сметаат дека секогаш имаат доволно слободно време за активностите во кои уживаат. Сепак, најголем дел (64,07 проценти) наведуваат дека слободното време им е ограничено поради премногу домашни задачи и други училишни обврски.

Децата во извештајот препорачуваат родителите слободното време да го користат за квалитетен и искрен разговор со своето дете (кога го носат во градинка, кога заедно одат да пазаруваат, додека се возат во автомобилот), да се договараат за времето што би можеле да го поминат заедно тој ден и внимателно да слушаат што детето има да им каже. Велат дека суштината на квалитетно поминатото слободно време со своето дете не е колку, туку како ќе го поминат времето со него.

Повеќе од 1/3 од децата целосно се согласуваат дека тоа што го учат на час им е интересно, а повеќе од 1/2 дека истото е корисно и ќе им помогне во иднина. Со градење на повеќе различни стручни училишта и во истите да има предмети што ќе бидат потребни само за таа струка, децата ќе можат да го одберат тоа што го сакаат и со тоа да уживаат повеќе во училишните часови.

Во спроведеното истражување, децата укажаа дека треба да се сменат следните работи: непочитувањето, скршените столчиња и маси, да се изградат рампи за децата со инвалидска количка и спортски сали во местата каде нема, хигиената, стресниот пристап на професорите, да се додадат повеќе вонучилишни активности.

Над 60 проценти од децата тврдат дека учествувале во активности за заштита на животната средина, додека останатите не. Заштитата на животната средина треба да биде составен дел од секој развоен процес, а училиштата се местото каде што најмногу треба да се промовира образованието за животната средина. Гласно апелираме до сите: „Да се здружиме и да придонесеме за чиста животна средина и здрав живот”. Децата препорачуваат: подигнување на еколошката свест кај населението; пошумување и средување на зелените површини; соодветно справување со отпадот (селектирање и рециклирање); намалување на индустриското загадување.

Back to top button
Close