Меџити: Чаир не е поразличен од другите општини. Дивоградби има во сите
Првиот вицепремиер Изет Меџити навидум е истиот од лани. Зборува тивко и внимателно и носи вратоврска само кога протоколот го налага тоа.
Меѓутоа, во едночасовниот разговор што го водевме неделава, забележавме промени. Опозициските категорични позиции ги заменил со прагматичен пристап кон проблемите, пиар-пораки усогласени на Илинденска бр. 2 и со извежбани одговори на конкретни прашања.
Овој Меџити превагнува на „тешката“ темa за уставните промени. А, неговата „огнена“ верзија пламнува во дебатата за политичките противници и дивоградбите во Чаир.
Политичка реконструкција на дивоградбите
Интервјуто со вицепремиерот и лидер на Демократското движење се вжешти на прашањата за неговиот роден Чаир, кој како градоначалник го водеше до 2017 година.
Повод беа обвинувањата на скопската градоначалничка Данела Арсовска дека општината легализира дивоградби со фалсификувана документација и прстот што таа го впери кон актуелниот градоначалник и сопартиец на Меџити, Висар Ганиу.
Темава не е нова. Пред година и пол, новинарите на „360 Степени“ документираа дека Чаир легализира висококатници изградени по 3 март 2011 година, што законски е недозволиво. Се посомневаа на антидатирање. И сега Арсовска инсистира дека градбиве се презентираат со постар датум, илустрирајќи ја измамата преку апсурдот дека инвеститорите биле тинејџери пред 14 години.
Во текот на разговорот, Меџити ниту еднаш не негираше дека спорните габаритни градби се подигнати по рокот од 2011 година. Наместо директен одговор на прашања, во детали зборуваше за слични или идентични случаи на Водно, во Центар, Карпош и во Сарај, илустрирајќи дека проблемот е системски, а не исклучок врзан за Чаир.
„Таму нема ништо поразлично од другите општини“, вели тој.
Како аргумент за тврдењето понуди статистика на Државниот градежен инспекторат, која, всушност, ја сервираат општините.
„Чаир учествува само со 1,6 проценти во бројот на дивоградби на ниво на државава. Значи, во тие повеќе од 200.000 дивоградби, по бројот на дивоградби, Чаир е деветта општина по ред, а на ниво на Град Скопје е шеста.“
…