Меџити доби јавна благодарност дека поранешните команданти на УЧК без проблем ја поминале границата

Јавна благодарност доби чаирскиот градоначалник и владин партнер Изет Меџити од организаторот на протестот за поддршка на поранешните команданти на косовката УЧК, Хисни Гуцати, дека поранешните команданти на УЧК без проблем и задржување ја поминале косовско-македонската граница. Според Гуцати, Меџити го гарантирал слободното движење на ветераните на УЧК.

-Штом генералите на ОВК пристигнаа во Скопје, границата е мирна, граѓаните ја преминуваат границата многу мирно, нема детална контрола. Сакам да им се заблагодарам на сите тие иницијатори кои ја презедоа иницијативата и испратија албански цариници и полицајци на границата и ова е најголемиот успех – рече Гуцати.

Тој за ова лично му се заблагодари на Меџити.

-Ме извести и градоначалникот на Чаир, Изет Меџити, на кого му благодарам многу. Тој рече дека границата ќе биде отворена и е отворена за сите граѓани кои ќе дојдат да протестираат денес и дека границата е мирна – рече Гуцати.

Тој нагласил дека судењето на „ослободителите и војната на ОВК е волја на Русија и Србија“ со човек, како што вели тој, „лудак од Швајцарија, како Дик Марти, кој отиде во вечниот свет и ги понесе тие писма со себе“.

-Цврсто верувам дека ова го направила српската амбасада, заедно со руската во Швајцарија – рече претседателот на ОВК-УЧК, Хисни Гуцати.

На плоштадот „Скендербег“ во Скопје, во саботата се одржа протест за поддршка на поранешните команданти на косовската УЧК (Ослободителна војска на Косово – ОВК), на кои им се суди во Хаг за воени злосторства извршени за време на војната во 1998-99 година. Претходно организаторите на протестот стравуваа од можни приведувања на граница на поранешни команданти на УЧК кои Србија ги бара со потерница.

 

Back to top button
Close