Меџити го искористи авторитетот на Ахмети за мрачни врски со подземјето. Никој не го викал назад во ДУИ, сè е лага.

Вицепремиерот и лидер на Демократското движење Изет Меџити во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма изјави дека обидите на ДУИ да ја подели коалицијата Вреди датираат од порано и оти првата понуда за тоа од ДУИ му била упатена нему. Во реакцијата кон Изет Меџити ДУИ му порача дека не е засолниште за агенти на подземјето, сервилни луѓе и за неблагодарници!“ – објави информативниот портал на албански јазик „Алмакос“.

Инаку, истакнувајќи ги покарактеристичните нагласки од интервјуто, кое што ѝ го даде Меџити, ТВ Телма објави: „Внесување раздор во коалицијата Вреди е план на ДУИ, кој оваа партија го спроведува со месеци. ДУИ прво ме контактираа мене, со цел да ја растурат коалицијата Вреди.

Бев првиот, на кого му пристапија, за да се издејствува расцепкување на силите внатре во Вреди.“ – изјави Изет Меџити.

Порталот „Алмакос“ ја пренесе реакцијата на ДУИ кон ваквите тврдења на Изет Меџити, во која, покрај другото, се наведува: „ДУИ се роди од крвта на УЧК и беше изградена врз вредностите на жртвувањето, посветеноста и достојното застапување на интересите на Албанците во Северна Македонија. Овие вредности не можат да бидат оцрнети од поранешни функционери, кои повеќе од 20 години имаа корист од името и авторитетот на Али Ахмети, само за да го искористат ова наследство за градење семејни кланови и мрачни врски со подземјето. Изет Меџити не ја напушти ДУИ поради принципи, туку поради интереси.Тој не ја помина проверката, ветингот за корупција и идеолошки отстапувања, кои бараа внатрешно прочистување – затоа што беше заплеткан во нив. Неговата изјава дека му било понудено враќање во ДУИ затоа што ‘Али Ахмети ќе се повлече и тој ќе ја преземе партијата’ е ниска лага и доказ за ароганцијата на овој човек, кој мисли дека партијата служи за пазарење. ДУИ не е и никогаш нема да стане рај за кланови, непотизам, корупција и слуги на противалбански проекти.“

Back to top button
Close