Меџити го претстави Мастерпланот за Чаир

Кандидатот на „Вреди“ за градоначалник на Општина Чаир, Изет Меџити, во соработка со познатиот архитект Бајрам Вардар, денеска го претстави Мастерпланот за Чаир – стратешки документ кој има за цел трансформација на општината во модел на одржлив развој, со модерна инфраструктура, урбано зеленило, културни простори и нови образовни и младински центри.

„Мастерпланот е резултат на работењето на широк тим експерти од Турција и Северна Македонија, под водство на архитектот Бајрам Вардар, урбанист со потекло од Скопје, кој изгради успешна кариера во Турција и беше дел
од тесниот тим на претседателот Реџеп Таип Ердоган за време на неговиот мандат како градоначалник на Истанбул. Во тимот учествуваа и познатите експерти Надир Доган и д-р Мустафа Тутар, заедно со локални специјалисти кои обезбедија приспособување на планот кон реалните потреби на Чаир“, соопштија од коалицијата „Вреди“.

Планот се темели на седум клучни столбови на развој: транспорт и сообраќај, заштита на културното наследство, туризам и економија, образование, култура и уметност, рекреација и спорт и урбана трансформација.

Од „Вреди“ посочуваат дека во фокус на планот се конкретни решенија за олеснување на сообраќајот и модернизација на инфраструктурата.

Се предвидува изградба на булеварите „Хрватска” и „Црна Гора”, што ќе овозможи движење од Автокоманда кон Сарај без да се минува низ Чаир. Исто така, предвидено е проширување на булеварите „Митат Фрашери”, „Џон Кенеди” и „Цветан Димов”, како и оптимизација на клучните сообраќајни точки за зголемување на протокот.

Еден од најзначајните проекти е изградбата на кружниот тек околу парк-шумата Гази Баба.

Друг клучен елемент е ревитализација на Стариот Чаир, со конкретни мерки за зголемување на бројот на туристи.

Проектот предвидува и создавање 5 000 нови паркинг-места, вклучувајќи механички паркинзи, како и изградба на нови младински центри, реновирање на постоечките училишта и креирање модерен кампус за Универзитетот „Мајка Тереза”.

Посебно внимание во Мастерпланот е посветено на проектот „Модерна Топана“, кој има за цел трансформација на населбата во иконичен и атрактивен простор за Скопје.

Back to top button
Close