Меџити: Имаме договор со ВМРО-ДПМНЕ за унапредување на „балансерот“ во закон за соодветно претставување на малцинствата
Министерот за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, кој е дел од владејачката коалиција „Вреди“, коментирајќи ja одлуката на Уставниот суд за „балансерот“, во интервју за ТВ 21 вели оти овој механизам е девалвиран, а неговото време е завршено.
Во однос на обвинувањата на опозициските партии од албанскиот блок, оти укинувањето на „балансерот“ ќе ги наруши правата на малцинствата, Меџити вели дека Албанците не губат ништо со укинувањето на овој механизам.
Додава дека при формирањето на новата влада, политичкиот договор меѓу „Вреди“ и партнерите од ВМРО-ДПМНЕ бил „балансерот“ да биде унапреден во закон за соодветно претставување на малцинските заедници.
„Во овој период таму каде што ќе има вработувања, ќе има вработувања и на Албанци. Албанците не губат со укинувањето на ‘балансерот’, иако Уставниот суд не го нашол моментот за тоа, не чекал да го унапредиме, но Албанците ќе добијат повеќе затоа што ќе донесеме закон за соодветно претставување кој не само што ќе го гарантира претставувањето на Албанците во јавната и државната администрација, туку ќе гарантира и непартиски и квалитативни вработувања“изјави Меџити во вечерашното интервју за ТВ 21.
На конкурс, додава Меџити, ќе биде избран Албанец, но оној што е најобразован и најподготвен.
„На овој начин утре ќе имаме администратор кој подобро ќе му служи на граѓанинот“,додава министерот.
Претходно денеска Зијадин Села од опозицискиот „Европски фронт“ оцени дека со укинување на „балансерот“, се нарушуваат основните човекови права на граѓаните на оваа држава.