Меџити: Не сум против предвремени избори, но тие се непотребни
Првиот вицепремиер Изет Меџити изјави дека од посетата на САД, по повод инаугурацијата на претседателот Доналн Трамп, владината делегација се вратила со „позитивно очекување за интензивирање на евроинтеграцискиот процес“.
-Тоа е Америка. Ние треба да вложиме сѐ за да добиеме влијание таму зашто многу работи таму се решаваат. Оптимист сум дека тоа оди во прилог на одблокирање на евроинтеграцискиот процес, рече Меџити во емисијата „Само интервју“ на ТВ Канал 5, прашан за очекувањата од американскиот претседател Трамп во решавањето на проблемот со нашето интегрирање во ЕУ.
Меџити рече дека присуствувал на значајни настани и средби за време на престојот во САД, а за обвинувањата од опозицијата во врска со поканата за инаугурацијата, одговори дека поканите не ги потпишува Трамп туку се од Конгресот на САД и работни групи што ги формирал за таа цел.
-Треба да слушнеме што викаа ДУИ пред шест месеци… дека оваа влада е проруска, просрпска… и сега кога одиме на инаугурација во САД зборуваат нешто друго и се контрадикторни на самите себе, рече Меџити.
На прашањето дали коалицијата Вреди стои зад ставот на премиерот Христијан Мицкоски за одложени уставни измени, Меџити одговори дека „премиерот бара гаранции и тука бараме решение“. Посочи дека имаат различни видувања во однос на интензитетот и динамиката за решение, но сето тоа, како што рече, „на крајот на денот ќе се испегла“ во заеднички став на партнерите во Владата.
-Битно е што како политички партии сме европски настроени и сите сакаме и работиме да има решение. Никој не е против Бугарите да бидат во Уставот, но сите да бидат вин-вин во процесот, рече првиот вицепремиер во интервјуто.
На прашањето дали Вреди ќе стане партија со еден лидер, како што беше најавувано на последните избори, одговори дека и на Локалните избори ќе настапи како коалиција, додавајќи притоа „и вака функционираме успешно“.
-Покажавме на Парламентарните избори, со заедничка програма и кампања, заедно сме дел од Владата и не гледам проблем и на Локалните избори Влен да биде како чадор, со заеднички листи и кандидати, а после изборите најверојатно може да се зборува Влен да биде едно, додаде Меџити, чија партија Демократско движење е една од четирите во коалицијата Вреди.
Тој смета дека вонредни избори се непотребни зашто Владата има стабилно мнозинство, а изјавите од ДУИ дека ќе има предвремени избори на кои тие ќе победат ги смета за стратегија на опозициската партија за да го задржи членството кое ѝ бега.
– Не сум против предвремени избори, но се непотребни. Оваа влада има најголемо мнозинство, двотретинска поддршка во Собранието и е неприродно да се оди на вонредни избори… ДУИ долго беа власт и уште не им се верува. Тоа им е стратегија за да не им бегаат луѓе па ветуваат дека се враќаат за три, за шест месеци, и даваат лажна надеж дека ќе има Локални и Парламентарни избори. И анкетите и сите анализи покажуваат дека подолго време ќе останат опозиција. Влен пак ќе има убедлива победа во однос на ДУИ, изјави Меџити.
За неговата поранешна партија ДУИ рече дека е „жално каде беше и каде се најде“, не гледа дека таму има процес за реформирање и оти таа „ќе остане вака како што е“.
Во врска со Артан Груби и дали смета дека некој му помогнал во бегството, Меџити одговори дека ДУИ долго време била на власт и, како што рече, „сигурно имаат уште луѓе по институциите спремни да ги пречекорат овластувањата“. Додаде дека веќе има постапка во МВР за истрага за одговорните за граничниот премин, а дека Груби „кога-тогаш ќе се врати и ќе се соочи со правдата“. хс/