Меџити очекува до крајот на неделава ВРЕДИ да ги објави имињата на кандидатите за градоначалници за локалните избори
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити денеска во изјава за медиумите истакна дека до крајот на неделава ВРЕДИ ќе ги објави имињата на кандидатите за градоначалници со кои ќе учествува на локалните избори.
-Во ВРЕДИ интензивно разговараме, анализираме и мислам дека до крајот на неделава ќе ги објавиме сите имиња од Струга до Липково. ВРЕДИ ќе настапи сам, нагласи Меџити при посетата во Арачиново по повод финализирањето на проектот за „Регулација на дел од ободен канал во Арачиново“.
Тој реагираше на ставовите на Арбен Таравари околу тоа дека на локалните избори ќе учествува со заеднички листи со Коалицијата „Европски фронт“.
-Г-дин Таравари се повлече под изговор дека ќе излезе со посебни листи и тоа беше проблемот во рамките на ВЛЕН. Денес слушам дека излегува со заеднички листи со ДУИ. Значи, немал мака со листите, но не знаел како да му се приближи на г-дин Ахмети, изјави Меџити.