Меџити: Пет милиони денари за чистење на депонијата во Никуштак
Министерството за животна средина и просторно планирање денеска ја започна акцијата за санација на дивата депонија во селото Никуштак, општина Липково.
Оваа депонија, како што се наведува во соопштението на Министерството, идентификувана како една од најопасните во Националниот план за управување со отпад, претставува сериозна закана за здравјето и животната средина, како за жителите на Липково, така и за соседните општини. Честите пожари и постојаното загадување, се додава во соопштението, се голема загриженост за граѓаните од регионот.
Од Буџетот за 2025 година за овој проект се обезбедени околу пет милиони денари, како и механичка опрема за безбедно управување со отпад. По завршувањето на техничките подготовки, додаваат од Министерството, денеска почнале градежните работи на терен.
Министерот за животна средина и просторно планирање Изет Меџити изјавил дека санацијата на оваа депонија е голем чекор кон заштита на здравјето на граѓаните и подобрување на условите за живот во општина Липково и околниот регион.
Тој нагласил дека нема повеќе време за чекање и дека институциите имаат обврска конкретно да дејствуваат на терен.
-Оваа акција претставува важен чекор во напорите за подобрување на животната средина и заштита на здравјето на граѓаните на Липково и целиот регион, додаваат од Министерството