Меџити: Уставните измени остануваат приоритет, но со меѓународната заедница ќе работиме да добиеме нови гаранции
Членовите на работната група која ќе ги води преговорите со ВМРО-ДПМНЕ за формирање на парламентарно мнозинство се веќе номинирани, соопшти лидерот на Демократското движење Изет Меџити.
-Веќе се номинирани членови од сите политички субјекти во склоп на „Влен“. Во работната група од Демократското движење е Висар Ганиу, од Алијансата за Албанците Азир Алиу и има два члена од Движење Беса и Алтернатива. Во делот на програмата ќе биде вклучен и Беким Ќоку од Самоопределување. Тој нема да биде дел од Владата, туку ќе биде во парламентарна група и ќе има свој глас како пратеник, рече Меџити на вечерашната „Топ Тема“ на Телевизија Телма.
Тој го пофали Мицкоски дека и покрај тоа што добил 58 пратеници дошол во штабот на „Влен“ и тоа го оценува како добар почеток и знак дека ја нема ароганцијата на старото ВМРО и Груевски. Според Меџити, таквиот мал гест ја прикажува почитта која лидерот на ВМРО-ДПМНЕ им ја укажал. Разговорите продолжуваат на дневно ниво, порача Меџити.-Контактите се секојдневни, на различни нивоа. Првично се работи на принципите на новата влада и унифицирање на програмите од двете коалиции. Мислам дека веќе не претставува интерес кога ќе се сретнат – може денеска, може два пати преку ден, комуницираме и телефонски и на средби. Работиме интензивно на составување на новата влада. Непотребно е притисокот од јавноста и медиумите на секоја средба. Тие се работни средби и тоа што ќе се затвори ќе ја известиме преку вас медиумите, Меџити посочувајќи дека најдоцна до 15 јуни очекува да е готова новата влада.
Преговорите сѐ уште не стигнале до распределбата на ресори, рече Меџити, потенцирајќи дека ВЛЕН не влегува во владата за да има минимално учество.
-Значи во првата фаза зборуваме за принципите на новата влада, на програмата на новата влада, кај ќе биде нашиот фокус потенциравме економскиот разовј, животниот стандард и другите битни прашања, не сме навлеге сеуште во тој дел но мислам дека нема да биде ни максимилистичка ни понижувачко нашето учество во владата, туку ние сме претставници на Албанците. Албанците според последниот попис се 30 отсто и претендираме, нема да одиме со дигитрон тоа со калкулации, но отприлика мислам како претставнници на Албанци во Македонија сакаме значи отпрлика тој дел да го преземеме. Но повеќе фокусот нема да биде во функциите туку во реализција на програма, реализација на идеи, тоа да го чувствуваат граѓаните. Овие четири години Албанците имаа многу власт, значи скоро девет или 10 министри, некои беа од СДСМ, некои од ДУИ, Алијанса, но беа во функција на себеси и на своите блиски, но не беа во функција на граѓаните. Значи побитно е да ги решиме проблеми на граѓаните, а тоа да го чувствуват граѓаните, да ја чувствуваат промената отколку дали Изет, Африм или некој ќе биде или нема да биде министер, рече Меџити, кој потенцира дека ќе барааат функцијата претседател на Собранието да припадне на нивната коалиција.
Меџити нагласи дека тие се за донесување на уставните измени и оваа прашање останува топ приоритет.
-Оваа влада ќе биде стабилна и ќе има над 75 и 80 пратеници. Кај Албанците нема дилема во однос на уставните измени, но без македонската заедница, без тоа да го определи и ВМРО-ДПМНЕ кои имаат 58 пратеници, тоа не може да се тера само со наша добра волја. Ние цениме дека треба да придонесеме во оваа насока. Ние сме да се донесат уставните промени. ВМРО-ДПМНЕ истото го има во програмата, но тие се плашат дека и ако ова се апсолвира ќе се испадне нешто друго. Бараат гаранции да не испадне нешто после тоа. Со меѓународната заедница заедно ќе работиме да добиеме нови гаранции и да нема нови услови, но остануваат топ приоритет за што влегуваме во оваа влада која е европски ориентирана, рече Меџити.
На прашањето дали ќе бараат да се испита Договорот со „Бехтел и Енка“, Меџити рече дека оваа работа ќе ја остават на судството и Јавното обвинителство.