Меџити утринското кафе го испил со докторот Јовев, но нема да го врати на директорското место


Министерот Фатмир Меџити утрово пиел кафе со кардиохирургот Сашко Јовев кого го разреши од директор на Клиниката за кардиохирургија, но нема да ја преиспита одлуката за враќање на докторот на директорската позиција.

„Ќе споделам со вас, утринското кафе го испивме со почитуваниот професор Јовев и професорот ќе продолжи да работи како најдобар кадар во таа Клиника заедно со другиот стручен тим што е таму, со сите други колеги кардиохирурзи, ќе се посвети повеќе на пациентите и на работата, а ќе ја има мојата потполна поддршка како доктор што ќе ги работи секојдневните активности“,

рече Меџити денеска одговарајќи на новинарско прашање.
На прашање за преиспитување на одлуката, тој рече дека „кога министерот носи одлука, таа не се преиспитува“ и дека „тоа е апсолвирано прашање“ повторувајќи дека има голема почит кон професорот Јовев.

Докторот, пак, изминативе денови доби огромна поддршка од персоналот во болницата и од пациентите кои се побунија против неговото разрешување, по што вчера доби понуда од министерот да биде негов национален советник за кардиохирургија.

Денеска, вели Меџити, не разговарале за тоа.

„Не зборувавме за тоа, испивме кафе. Тој е мој добар другар и колега и после ова ќе продолжиме да работиме на Клиничкиот центар заедно, и сега како министер и утре повторно како лекар и лекар“,
рече министерот.

Тој додаде дека ќе се залага со ребалансот на Буџетот да има повеќе пари за програмата за трансплантација во која е Јовев, кој инаку ја изврши првата трансплантација на срце во земјава, и порача дека ќе го поддржува докторот во работата со цел да се развие државната кардиохирургија

Меџити претходно посочи дека за директорското место во Кардиохирургија очекува предлог од СДСМ бидејќи и Јовев бил предлог на оваа партија. Нов кандидат, според денешната изјава на Меџити, сè уште нема.

„Немаме тајминг за назначување нов директор, да го расчистиме прво случајот и потоа кога ќе има кадар прифатлив и за Министерството и за мене, јас сум тука“,
вели Меџити

Back to top button
Close